На аудиенцијата, Гаши, кој ја предводи државно-црковната делегација по повод традиционалната манифестација „Во чест на Св. Кирил и Методиј“, на понтифот му врачил два подароци. Државниот подарок е мермерна скулптура „Перо“, дело на вајарот Андреј Митевски, додека како личен подарок тој на папата му врачил кавал изработен од Бобан Анакиев. Гаши го избрал кавалот како симбол на традицијата и инструмент што ги поврзува разлилните заедници и култури во нашата земја
Покрај со папата, претседателот на Собранието има средба и со државниот секретар на Светиот престол, Пјетро Паролин, со кого, како што објави на Фејсбук, разговарале за унапредување на билатералната соработка и зајакнување на институционалниот дијалог
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој ја предводи државно-црковната делегација по повод традиционалната манифестација „Во чест на Св. Кирил и Методиј“, денеска во Ватикан се сретна со папата Лав XIV.

По аудиенцијата кај папата, која како што рече, поминала во најдобар можен ред, Гаши изјави дека релациите помеѓу Ватикан и С Македонија се беспрекорни и на највисоко можно ниво, оценувајќи дека постои можност за нивно подобрување и зацврстување во иднина.
Претседателот на Собранието на средбата, на папата Лав XIV му ја честитал годишнината од неговиот избор и ја истакнал посветеноста на нашата држава за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светата Столица.
На средбата, како што соопштија од собраниската служба за односи со јавност, било нагласено значењето на промовирањето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите, како универзални вредности што придонесуваат за стабилноста, солидарноста и соживотот во Европа и пошироко. Во тој контекст, претседателот Гаши подвлекол дека Република Северна Македонија останува пример за меѓуетнички, мултикултурен и меѓурелигиски соживот, со длабока почит кон верските слободи и конструктивната улога на верските заедници во општеството.
„Разговаравме за клучниот настан за кој сме тука – чествување на светите Кирил и Методиј, но, исто така, зборувавме и за релациите што ги имаме на државно ниво помеѓу Ватикан и нашата држава. Од двете страни беше истакнато дека релациите помеѓу нашите две држави се беспрекорни, на највисоко можно ниво, и гледаме можност како во иднина да ги подобориме и зацврстиме овие односи. Секако, напоменавме дека двата клучни столба на нашите релации се засноваат на чествувањето на светите Кирил и Методиј, а исто така и на Мајка Тереза како една од личностите што ги поврзуваат овие две престолнини“,
рече претседателот на Собранието, по ауденцијата кај папата Лав XIV, пренесе МИА.
Покрај со папата, претседателот на Собранието има средба и со државниот секретар на Светиот престол, Пјетро Паролин, со кого, како што објави на Фејсбук, разговарале за унапредување на билатералната соработка и зајакнување на институционалниот дијалог.

“Ги разгледваме можностите за проширување на соработката во областа на културата, образованието, зачувувањето на културното и духовното наследство, како и промоција на вредностите на дијалогот и толеранцијата во време на глобални предизвици“,
напиша Гаши на социјалната мрежа.
Собранискиот спикер во објавата додава дека Република Северна Македонија останува посветена кон градење партнерства што придонесуваат за стабилност, соработка и зближување меѓу народите.
Инаку, на аудиенцијата, Гаши на понтифот му врачил два подароци. Државниот подарок е мермерна скулптура „Перо“, дело на вајарот Андреј Митевски, додека како личен подарок тој на папата му врачил кавал изработен од Бобан Анакиев. Гаши го избрал кавалот како симбол на традицијата и инструмент што ги поврзува разлилните заедници и култури во нашата земја.

Од државно-црковната делегација на аудиенцијата присуствувале и координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Влен – Никола Мицевски, Оливер Спасовски и Беким Ѓоку, како и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, митрополите г. Пимен и г. Георгиј и отец протојереј ставрофор Зоран Стојанов, преставник на Католичката црква во земјава.
Координаторите на пратеничките групи упатија пораки на заедништво и соработка. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека тоа што на посета на Светиот Престол по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј заедно присуствувале координаторите на пратеничките групи во Собранието покажува заедништво во целта за која се дојдени во Ватикан.
„Да пратиме порака за соработка и заеднички подобрување на состојбите во државата“,
порача Мицевски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека е огромна честа и можноста што денеска ја имале да бидат на аудиенција кај папата Лав XIV по повод традиционланото чествување на светите Кирил и Методиј.
„Тие се врската помеѓу двете земји и сметам дека Собранието денеска преку заедништво покажува за важноста на сесловенските просветители, но и средбата со папата покажува за продлабочување на нашите односи и за меѓусебната поддршка“,
рече Спасовски.

Државно-црковната делегација предводена од претседателот на Собранието, Гаши утре, ќе му оддаде почит на св. Кирил на неговиот гроб во црквата „Сан Клементе“ во Рим, каде што поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, и свештенослужители ќе одржат молебен за сесловенскиот просветител и творец на словенската писменост.
