Во претходната информација од МВР беше споделено дека се загинати 51-годишниот Р.В. и двајца 20-годишници, А.В. и П.М., но оти идентитетот на четвртото лице не беше познат

Четвртата жртва во сообраќајната несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница е 20-годишниот скопјанец М.Ѓ.. Ова е последното лице чии иницијали се познати откако претходно од Министерството за внатрешни работи (МВР) рекоа дека во сообраќајката се загинати четворица.
Во претходната информација од МВР беше споделено дека се загинати 51-годишниот Р.В. и двајца 20-годишници, А.В. и П.М., но оти идентитетот на четвртото лице не беше познат.
Подоцна беше познато дека меѓу починатите е баритонот и првенец на Националната опера и балет (НОБ), Ристе Велков, како и неговиот син.
Сообраќајната несреќа се случи синоќа околу 23 часот на скопската обиколница во делот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци.
До несреќата дошло кога камион со полуприколка управуван од 76-годишниот Б.Б. од Косово изгубил контрола врз возилото, ја пробил заштитната метална ограда и преминал во спротивната лента на автопатот каде директно се судрил со автомобил „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки кој го возел Велков.
Од ударот возилото и кабината на камионот се запалиле и целосно изгореле.
Лекар од Итната медицинска помош само ја констатирал смртта кај четирите лица, а по наредба на јавен обвинител телата се предадени на обдукција.
Од полицијата рекоа дека по несреќата возачот на камионот е приведен и оти се наоѓа во полициска станица.
Од Основното јавно обвинителство велат дека сè уште се постапува и дека во текот на денот ќе споделат повеќе информации.
