Демири информираше дека наместо преку јавен оглас, како што налага законот за трговски друштва во државна сопственост, функционерите останале на работа, а како оправдание им биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница донесе едногласна одлука да поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управниот и надзорниот одбор на АД ТЕЦ „Неготино“.
Во предметот, кој го образложи членот на комисијата Сервет Демири, се наведува дека пријавените лица незаконски го продолжиле својот работен ангажман и по престанокот на нивните функции.
Демири информираше дека наместо преку јавен оглас, како што налага законот за трговски друштва во државна сопственост, функционерите останале на работа, а како оправдание им биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот.
„Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски договори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори“,
информираше Демири.
Според него, по разгледување на документацијата, ДКСК утврдиле дека наводите се потврдуваат и согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси и оти против пријавените лица ќе иницира постапка до надлежен орган.
На денешната седница ДКСК разгледа повеќе пријави од непознат и познат пријавител, како и предмети по сопствена иницијатива на членовите на ДКСК поврзани со неподнесување изјави за имотна состојба на избрани и именувани лица, предмети за корупција и судир на интереси во различни сфери.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, информираше дека комисијата продолжува со контрола врз избраните и именуваните лица.
„За февруари, според изданијата на ’Службен весник’, констатиравме дека 43 лица кои се именувани или разрешени во февруари не ја исполните законската обврска и за нив ќе биде издаден прекршочен платен налог кој е казнив“,
рече Чучуљ.
Државната комисија за спречување на корупцијата денеска донесе Решение за запишување на Билјана Јовановска од Скопје во регистерот на лобисти, лоби организации и лобирање, која како лобистка се регистрира за вршење лобирање во областа труд и социјална политика.
