Поранешниот министер за надворешни работи на СРЈ и Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ, ја поздравува иницијативата на германскиот канцелар за нова динамика во проширувањето на ЕУ која, за прв чекор, предвидува асоцијативно членство за Украина и статус на набљудувачи за земјите од Западен Балкан со перспектива за полноправно членство
За пристапниот процес на Северна Македонија, кој во моментот е блокиран, Свилановиќ има забелешки за односот на Унијата која, според него, не ги наградила соодветно тешките одлуки што земјата ги презеде во минатото
360°: Господине Свилановиќ, што мислите за иницијативата на германскиот канцелар Мерц за нов пристап во интеграцискиот процес на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан, при што првично Украина би добила статус на придружна членка – асоцијативно членство, а балканските држави статус на набљудувачи, со секако ветување или со очекување дека сите земји конечно ќе добијат полноправно членство кога тоа ќе го заслужат?
Горан Свилановиќ: Се израдував кога денеска ја прочитав таа изјава на канцеларот Мерц, човек кој во овој момент ја води Германија, една од највлијателните земји во Европската Унија. Веќе некое време во јавноста се разговара за потребата нешто да се направи. Тоа до каде стигнавме во процесот на преговори, мислам на регионот, јас тврдам дека тоа е поделена одговорност меѓу нашите влади, почнувајќи од мојата кога станува збор за Србија и сите други во регионот на една страна, и Европската Унија на друга страна. Јас во првата реченица би кажал дека тоа е причината поради која се израдував на оваа изјава. Јас инаку ја застапувам идејата дека Западен Балкан треба да биде во Европската Унија до 2030 година, но тоа е лесно да се каже. За тоа е потребно многу нешта да се случат на наша страна, но и на страната на Европската Унија – таа да донесе некои одлуки. И мислам дека Мерц зборува токму за тоа – дајте да го погледнеме овој процес и да го направиме кредибилен, и да видиме кои се тие промени во процесот и можеби во статусот, кои би требало да се случат во иднина. И тука, ќе кажам многу отворено, тој спомена некои работи кои јас силно ги поддржувам. Ми се чини дека би требало да се направат следните работи. Прво, целосна поддршка за Црна Гора да го заврши процесот кој го започна. Второ, мислам дека е потребен ангажман на Европската Унија кон сите оние кои со своето влијание и ангажман во регионот го отежнуваат патот на Црна Гора и на сите други кон придружувањето. Тоа доаѓа на разни начини од соседите, и надвор од ЕУ и внатре во ЕУ, што не е од помош ниту за Црна Гора, ниту за останатите. Третата точка која ме доближува до она за што зборуваше канцеларот е дека Европската Унија со години инвестира во нешто што се нарекува заеднички пазар – наш регионален заеднички пазар, кој би функционирал по правилата по кои функционира европскиот единствен пазар. Мојот прв предлог, а всушност и предлогот што го спомена канцеларот, е дека треба да се размисли за тоа – не наместо процесот на придружување, туку паралелно со него – забрзано да се работи на тоа овој пазар да стане дел од заедничкиот европски пазар. Мислам дека би требало да седнеме со Европската Унија и да направиме патоказ за да дојдеме до Шенген. Политиката која претходно се водеше – прво влези во ЕУ, па 10 години подоцна разговарај за Шенген е целосно надмината. Нашите влади, и вашата овде во Скопје и мојата, покажаа високо ниво на одговорност кога станува збор за управувањето со миграцискиот процес во изминатите десет години. Работеа рака под рака со Европската Унија и докажаа дека можат. Секако, има тука уште чувствителни прашања како Фронтекс кој е присутен во регионот, организираниот криминал е исто така присутен, да не се залажуваме, но мислам дека би можеле да направиме патоказ кој во наредните неколку години би можел да нè доведе до тоа да станеме дел од Шенген на начинот на кој тоа се Швајцарија или Норвешка. Со овие неколку чекори кои би го забрзале процесот би можела да се врати вербата во процесот и тоа во кус период да ја оживеат вербата и тоа ќе биде резултат од влезот на Црна Гора. Повторно ќе веруваме дека процесот е жив зашто денес не веруваме.

360°: Пристапниот процес на Македонија во Европската Унија е блокиран затоа што актуелната влада овде не се согласува со договорот и преговарачката рамка кои беа постигнати во 2022 година. Кога веќе зборуваме во контекст на Европската Унија, што би им порачале на властите во Скопје во однос на ова прашање?
Горан Свилановиќ: Слушнав дека претседателот на Црна Гора неодамна рече, откако доби слично прашање – не можете да бидете и во право и во Европската Унија, изберете. Ми се допаѓа тоа, не знам дали тој е автор, но слушнав дека тоа го изјавил во еден разговор, можеби како и јас добил слично прашање. Јас ја следев ситуацијата бидејќи ми е многу важна Македонија. Во ноември 2005 година, Македонија беше далеку пред сите. Тоа беше пред 21 година. Во меѓувреме, јас ги почитувам многу тешките одлуки кои претходната влада ги донесе за конечно да го регулира својот процес на придружување во тој момент и своите билатерални односи со Грција. Мислам дека тоа беа тешки одлуки, храбри одлуки. Знам дека мнозинството граѓани во оваа земја не ги поддржуваат тие одлуки. Но, и јас сум бил во слична ситуација, како дел од влада која носеше одлуки свесна дека нема голема поддршка, верувајќи дека тоа е најдоброто решение за земјата во тој момент. Мислам дека тие направија колку што можеа и ги почитувам поради тоа. Но, Македонија не доби ништо за возврат. И тоа мора да се каже. Ќе ви кажам искрено – бев себичен граѓанин на Србија кога го видов тоа и се фатив за глава, бидејќи сфатив дека ние никогаш нема да мрднеме во нашиот дијалог со Косово по тоа. Затоа што, ако Македонија по таква голема одлука не доби ништо… добро, доби членство во НАТО, но во процесот на пристапување не го доби она што тогаш се очекуваше – датум за почеток на преговори, и тоа не утре, туку еве, за три години, но кажете ми го тоа. Мислам дека и оваа влада ја чекаат тешки одлуки. Јас, како граѓанин на Србија, секогаш ќе ги поддржам кога носат тешки одлуки, но за тоа е потребна сериозна соработка и договор со Европската Унија, за да не се повтори сценариото што веќе го имавме. Тоа значи навистина да се договорат видливи резултати во пристапниот процес на Македонија со што не само што би се оживеал тој процес, туку и би се овозможило значајно унапредување на економското опкружување на граѓаните на Македонија кое не идеално. Мора да бидат заедно со владата – Европската Унија мора да разбере дека кога една влада носи тешки, идентитетски одлуки, мора да постојат гаранции и тие гаранции мора да бидат со временски рамки. Верувам дека ова општество може да го издржи тој процес, но мора да има партнер во Европската Унија.

360°: Кога зборуваме за ситуацијата во Србија, што мислите – дали и какво решение е можно за надминување на актуелната ситуација и дали е можно владејачката СНС да замине по повеќе од една деценија владеење?
Горан Свилановиќ: Знаете што, јас сум во Белград и секако секојдневно следам што се случува. Ретко зборувам за тоа, имам лични причини зошто ретко зборувам. Пред сè, мислам дека ова што сега се случува е еден необичен процес, потполно нов. Носителите се млади момчиња и девојки, тие се помлади од моите деца. Морам да признаам дека некои работи не ги разбирам и токму затоа што не ги разбирам мислам дека не треба да делам совети. Очигледно покажаа големи резултати во изминатите две години, ги подигнаа очекувањата на граѓаните и довербата во студентите во овој момент е многу голема. Мислам дека тоа ги стави опозициските лидери во втор план и тие треба да сфатат дека ова е специфичен момент. Признавам, не очекував дека сето ова ќе се случи и дека ќе успеат толку многу да ги разбудат надежта и очекувањата кај граѓаните. Затоа, мислам дека треба да им се даде доверба и да се види во кој правец ќе оди тој процес. Тој е поинаков од сè што јас сум работел во животот и затоа мислам дека не е нормално јас да давам совети. Промените во Србија во 2000 година ги водеа политички партии, а ова е нешто друго. Затоа, гледам каде оди тој процес, има многу прашања, сакам да видам како и кога ќе се случи таа промена, но во овој момент немам одговори на ниту едно од овие прашања. Се надевам дека тоа ќе биде преку избори и дека, кога и да бидат, а не очекувам тие да бидат оваа година туку наредната, ќе бидат организирани на начин на кој сите ќе веруваме во резултатот. Тоа ми е најважно – да се врати довербата во изборниот процес и да се добие резултат во кој ќе веруваме. Дали тој процес ќе донесе промена во првиот чекор, или во некој нареден, тоа е второстепено прашање на кое јас сега немам одговор, но би сакал да имам изборен натпревар во кој ќе верувам. Тоа е она што очекувам.
