Нападот бил извршен преку милиони барања во подолг временски период, со цел да се преоптоварат и соборат системите. Според првичните анализи, нападите доаѓале од странство преку прокси-сервери за да се прикријат трагите

Веб-страниците на Владата, министерствата и националниот портал uslugi.gov.mk изминатиот викенд биле цел на сериозен и софистициран кибернапад, информира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Тој вели дека станува збор за DDoS-напад (дистрибуирано оневозможување услуги).
Нападот бил извршен преку милиони барања во подолг временски период, со цел да се преоптоварат и соборат системите. Според првичните анализи, нападите доаѓале од странство преку прокси-сервери за да се прикријат трагите.
Министерот Андоновски уверува дека безбедносните механизми не биле пробиени, а по извршените проверки потврдено е дека нема инфилтрирани, избришани или украдени податоци.
Андоновски вели дека системот бил превентивно ставен во заштитен режим само 20 минути за да се изврши проверка и скенирање на состојбата, по што сè е вратено во нормала.
Според министерот, институциите, националниот тим за реакција на киберинциденти и економските оператори реагирале брзо и синхронизирано.
„Ова беше сериозен тест за системот, но и доказ дека државата гради капацитети за брз, координиран и ефикасен одговор. Заканата беше навремено препознаена, координацијата беше брза, а системите беа вратени во нормала. Како НАТО-членка, мора да се однесуваме со највисока сериозност“,
истакна Андоновски во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4 ТВ.
Случајот веќе е предаден на Министерството за внатрешни работи, кое води понатамошна истрага за откривање на изворот на нападите.
Андоновски нагласи дека кибербезбедноста е прашање на национална безбедност. Тој најави засилување на капацитетите преку новата Национална стратегија за сајбер-безбедност 2025–2028, која вклучува појасна законска рамка и посилни механизми за мониторинг, координација и брз одговор на инциденти.
Тој вели дека кибернападите се реалност со која се соочуваат сите модерни држави. Затоа, дигиталната трансформација мора да оди заедно со силна киберзаштита, подготвени институции и континуирано следење на состојбите во дигиталниот простор.
„Напади ќе има. Мора да бидеме будни. Како НАТО-членка, мора да се однесуваме со највисока сериозност кога станува збор за заштитата на дигиталната инфраструктура и податоците што се дел од државните системи“,
додаде Андоновски.
