Прашањето на кое го изнесе ваквиот свој став беше дали ќе има тензии во меѓуетничките односи, а во контекст на протестот на студентите Албанци кои бараат да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, како и во врска со најавите дека в сабота (23 мај) во Куманово ќе се одржи народен собир за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ
Претседателот на Собранието, во вечерашното гостување во емисијата „Вин-вин“ на Телевизија Телма, се осврна и на критиките за неговата политичка позиција во однос на уставните измени и францускиот предлог, наведувајќи дека денес, како претседател на парламентот, има обврска да ги претставува ставовите на парламентарното мнозинство
Сите приказни што водат кон загрозување и потпалување меѓуетнички тензии се опасни и не се прифатливи, рече претседателот на Собранието Африм Гаши во вечерашното гостување во емисијата „Вин-вин“ оценувајќи дека тие се најважниот столб за стабилноста во државата.

Собранискиот спикер предупреди дека темите поврзани со меѓуетничките односи не смеат да се користат за дневнополитички пресметки, а прашањето на кое го изнесе ваквиот свој став беше дали ќе има тензии во меѓуетничките односи, а во контекст на протестот на студентите Албанци кои бараат да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, како и во врска со најавите дека в сабота (23 мај) во Куманово ќе се одржи народен собир за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Сите приказни што водат кон загрозување и потпалување на меѓуетнички тензии се опасни и неприфатливи, а тие што не внимаваат на меѓуетничките односи коишто се премногу важни се неодговорни. Не сакам да зборувам за себе лично, мислам дека со примери, со дела треба да покажеме кој што прави. Но, во политика сум влегол во прилично тензична ситуација, каде што меѓуетничките односи не биле така сјајни, но упорно, не сум прифатил да бидам дел од тој наратив и тој политички дискурс и во својство на генерален секретар, и на опозициска партија и на претседател на партија понатаму. Мислам дека овие односи се многу поважни, премногу важни и мислам дека тоа е единствениот или најбитниот столб на стабилност во државата. И затоа сите треба да бидеме внимателни, најмногу ние политичарите. Сите тие што не внимаваат на ова и потпалуваат, мислам дека се неодговорни, непатриотски, недоволно ја сакаат својата држава, својот народ, своите граѓани“,
рече Гаши.
Тој повикува на индивидуална одговорност и посочи дека секој од функцијата што ја извршува треба да биде одговорен како се обраќа кон јавноста.
Претседателот на Собранието се осврна и на критиките за неговата политичка позиција во однос на уставните измени и францускиот предлог потсетувајќи дека како лидер на Алтернатива претходно поддржал отворање на европскиот процес, но дека денес, како претседател на Собранието, има обврска да ги претставува ставовите на парламентарното мнозинство.
„Нема ни транзиција во ставот, нема ни лицемерство. Искреност, истрајност, континуитет, нашите ставови како Влен и мој личен став е истиот. Не мислиме дека треба да има уставни измени. Но, од позиција на претседател на Собрание… јас не зборувам во име на Африм Гаши кога зборувам како претседател на Собрание, ги искажувам државните позиции. И денеска тоа е позиција на мнозинството“,
рече собранискиот спикер.
Во врска со темата тој додаде дека во јавноста мора да постои поголема чувствителност кон прашањата што дел од граѓаните ги доживуваат како закана за идентитетот и јазикот.
„Кога зборуваме за оваа тема и кога се работи за политичка волја на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои во разговорите што сме ги имале искажуваа дека се чувствуваат загрозени по идентитетот, јазикот и историјата, вие како сограѓанин, како Албанец во тој овој случај не можете да одите против тие чувства на тие граѓани, впрочем, кои се докажани на избори со голема доверба. И затоа понекогаш почитта која ја искажувате преку една политичка структура или пратеник, тоа е почитта која ја искажувате кон еден народ или една волја која е искажана на избори. И мислам дека е многу битно ова да се сфати. Ова е однос кон мнозинството Македонци кои тоа го мислат на таков начин, претставени преку 58 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и пет на ЗНАМ кои сочинуваат 63 пратеници“,
рече Гаши.
Сепак, претседателот на Собранието оцени дека политичките актери имаат и одговорност да избегнуваат реторика што може дополнително да ги продлабочи поделбите во општеството, особено во чувствителни политички периоди.
Прашан за коментар на тоа што Собранието направи подолга пауза од две недели по трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и дали можеби требало да се покаже поинаков став и уште истиот ден Собранието да има комеморативна седница, Гаши рече дека така одлучиле оти сметале дека на тој начин најдобро ќе ја испочитуваат ситуацијата.
„Па, нели е знак на почит молчењето, повеќе од една минута, или молчењето да нема пленарни седници каде што ќе слушате секакви зборови? Ние мислевме дека така на најдобар начин ќе ја испочитуваме ситуацијата. Затоа мислам дека тогаш, во тоа време, под тие емоции, ние, ова раководство на Собранието, одлучивме дека тоа е најдобриот одговор на таа ситуација. Дали сме погрешиле, дали би било поинаку подобро, тоа е веќе хипотетички. Јавноста нека суди“,
наведе претседателот на Собранието.

Во емисијата беше отворена и темата на водењето на седниците, на што Гаши изјави дека избегнува да интервенира во говорите на пратениците и функционерите од собраниската говорница, освен во случаи на навреди и говор на омраза, иако како претседател има деловничко право да го прекине секој говорник.
Изјавата доаѓа по забелешките дека од собраниската говорница сè почесто се испраќаат политички пораки кои навлегуваат во работата на други институции, вклучително и обвинителството.
„Јас имам право, но се трудам да не бидам арбитер и да не одземам збор. Сакам да дозволам да се искажат пратениците. Сè додека нема навреда или говор на омраза, се трудам да не влегувам во збор никому“,
рече тој.
Гаши беше прашан и за настапите на премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, особено во ситуации кога коментира што треба да работи државниот јавен обвинител. На констатацијата дека претседателот на парламентот има обврска да реагира во такви случаи, Гаши повтори дека неговиот пристап е да овозможи што поширока дебата.
Тој кажа оти смета дека улогата на претседателот на Собранието не треба да се сведе на цензор на политичките ставови, туку на гарант на процедурата и достоинството на институцијата. Во тој контекст, собранискиот спикер рече дека политичката култура во парламентот е сè уште предизвик, но оцени дека ограничувањата во говорот не е решение за проблемите во јавната дебата.
„Тоа е прашање на политичка култура“,
рече тој додавајќи дека институцијата работи и на нов Етички кодекс за пратениците.
