Моменталниот модел на субвенционирање вели дека останува ист – девет евра по пристигнат патник за скопскиот аеродром и 12 евра по патник за охридскиот аеродром

Иако не беше постигнат договор со нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Владата продолжува со стратегијата за проширување на авиосообраќајот. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави воведување на пет нови дестинации ова лето кои ќе сообраќаат од и до скопскиот и охридскиот аеродром.
Николоски вели дека државата е отворена за соработка со сите авиокомпании, но оти нема да подлегне на притисоци кои би биле на штета на другите авиопревозници и на државните интереси.
„Не можеме да прифатиме уцени, укинување на други линии во нивна корист и субвенции кои би биле два и пол пати повисоки само за една компанија“,
вели тој.
Моменталниот модел на субвенционирање вели дека останува ист – девет евра по пристигнат патник за скопскиот аеродром и 12 евра по патник за охридскиот аеродром.
Од идниот месец, патниците со „Аустриа ерлајнс“ ќе може да летаат од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ до Виена, Краков и Вроцлав. Од меѓународниот аеродром „Скопје“ од идниот месец ќе се лета до Палермо –Сицилија и до Алгеро – Сардинија.
„Во моментов се водат разговори со други заинтересирани авиокомпании. Македонија е единствената земја во регионот која отвора нови авиолинии во период кога светската авиоиндустрија се соочува со сериозна криза“,
вели министерот Николоски.
Тој додава и дека нискобуџетната компанија „Визер“ ќе го стационира својот седми авион на аеродромот во Скопје, а се разгледува и можноста за воспоставување база на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Во однос на енергетската стабилност, Николоски смирува дека резервите на керозин се над законскиот минимум. Состојбата вели дека е толку стабилна што други аеродроми од регионот се снабдуваат со гориво од кај нас.
