Покрај Хрватска, овој систем веќе е воведен и во Швајцарија, која е дел од шенген-зоната, а процедурите се при самиот крај и со Романија, додека паралелно е отворена процедура и со Австрија. Со ова, според Николоски, проблемот со транспортерите е речиси целосно затворен

Македонските транспортери ќе можат да обезбедат визи за непречено движење во земјите од шенген-зоната преку Амбасадата на Хрватска во Скопје и нивните дипломатско-конзуларни претставништва. Со ова суштински се решава големиот проблем на превозниците кој се појави по воведувањето на новиот систем за влез и излез во Европската Унија.
Ова вечерва го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски за време на гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
„Со таа виза возачите можат да се движат каде било во шенген-зоната. Аплицирањето ќе биде во Амбасадата на Хрватска во Скопје, во нивните конзуларни претставништва или директно во Загреб. За разлика од некои наши соседи, ние многу тивко ја водевме оваа операција бидејќи сметаме дека се работи за еден суштински голем проблем кој мора да се реши и не мислам дека е начин на решавање на овој проблем со обвинување на други со плачење над сопствената судбина или со продуцирање на лажни надежи и лажни вести“,
изјави Николоски.
Министерот појасни дека кога се случил првиот протест на превозниците во февруари, Европската Унија ја презентирала својата визна стратегија порано од планираното и ги признала професионалните возачи како посебна категорија.
Рече дека за време на протестите бил во Загреб на средба со неговиот хрватски колега Оливер Бутковиќ, каде што била договорена рамката за долгорочни визи, која деновиве беше официјално изгласана и во хрватскиот Сабор.
Покрај Хрватска, овој систем веќе е воведен и во Швајцарија, која е дел од шенген-зоната, а процедурите се при самиот крај и со Романија, додека паралелно е отворена процедура и со Австрија. Со ова, според Николоски, проблемот со транспортерите е речиси целосно затворен.
Осврнувајќи се на генералното влијание на ЕЕС-системот врз обичните граѓани и претстојната туристичка сезона, Николоски призна дека системот е комплексен, но нагласи дека неговата примарна цел е справување со нелегалната миграција на ЕУ, а не на македонските државјани.
Државата во моментов се соочува со примена на овој систем на две граници – со Бугарија и со Грција.
„Летово очекувам голем притисок, особено кон Грција, бидејќи само на Коридорот 10 годишно поминуваат десет милиони патници, од кои најголемиот дел во летната сезона. Сепак, очекувам дека и за тој предизвик наскоро ќе има соодветно решение“,
додаде Николоски.
Инаку, транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена, бараат промена на овој систем. Тој, како што велат, создава сериозни пречки бидејќи професионални превозници од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора ги третира како туристи, а не како работници.
