Фетаи веќе подолг период не се појавува на работа, а според информации од изминатиот период, последните негови јавни активности како носител на функцијата датираат од март. Тој не присуствувал ниту на седницата за пратенички прашања на 18 мај, и покрај претходните најави дека ќе биде присутен и дека ќе одговара на прашања од пратениците
Премиерот во април изјави дека Фетаи лично му пренел оти во иднина веќе не се гледа во владата што тој ја предводи и оти планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека следната недела ќе има заеднички состанок со вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, по кој, како што рече, ќе бидат појасни повеќе работи околу неговото учество во Владата.

„Вицепремиерот Арбен Фетаи, следната недела имаме јас и тој заеднички состанок. По тој состанок многу работи ќе бидат појасни. Инаку, официјално тој е потпретседател на Владата задолжен за добро владеење“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во населеното место Волково-Орман, општина Ѓорче Петров.
Фетаи веќе подолг период не се појавува на работа, а според информации од изминатиот период, последните негови јавни активности како носител на функцијата датираат од март. Тој не присуствувал ниту на седницата за пратенички прашања на 18 мај, и покрај претходните најави дека ќе биде присутен и дека ќе одговара на прашања од пратениците.
Како што објавија дел од медиумите, на прашањата до Владата дали Фетаи зема плата, е посочено дека одговор за тоа треба да го даде Министерството за финансии.
Мицкоски во април изјави дека Фетаи лично му пренел оти во иднина веќе не се гледа во владата што тој ја предводи и оти планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство.
Ова следуваше откако претходно министерот за здравство Азир Алиу откри дека неговиот колега во владата и сопартиец во ВЛЕН во последниот период не доаѓа на владините седници.
Фетаи на 29 април објави дека се наоѓа во главниот град на Тајланд, Бангкок, споделувајќи фотографија од него на Фејсбук во градот на Далечниот Исток, кој е атрактивна дестинација за голем број туристи од целиот свет.
