„Прво ќе беше посоодветно да каже, исто како што кажа и за Преспанскиот договор, дека Преговарачката рамка за влез во ЕУ, од која е дел и францускиот предлог – дури повеќе од Преспанскиот договор го осигурува македонскиот идентитет како посебен народ и македонскиот јазик како негова клучна одредница. Тоа се постигнува токму со внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија“, се вели во соопштението од опозициската партија
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) упатија критики кон претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по нејзините ставови изнесени за време на посетата на Словенија, оценувајќи дека таа со своите изјави ја ослабува позицијата на државата во евроинтегративниот процес.
„Професорката Гордана Сиљановска-Давкова падна на испит во Словенија“,
рекоа од партијата.

Од СДСМ посочуваат дека наместо јасно да ја поддржи европската обврска за внесување на малцинствата во Уставот, претседателката продолжува со празна реторика.
„Прво ќе беше посоодветно да каже, исто како што кажа и за Преспанскиот договор, дека Преговарачката рамка за влез во ЕУ, од која е дел и францускиот предлог – дури повеќе од Преспанскиот договор го осигурува македонскиот идентитет како посебен народ и македонскиот јазик како негова клучна одредница. Тоа се постигнува токму со внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија“,
се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, внесувањето на бугарското малцинство во Уставот е дел од европскиот процес и не претставува закана за македонскиот идентитет.
Во реакцијата се наведува и дека Уставот и правниот систем ефективно ги препознаваат правата само на заедниците наведени во Преамбулата, при што како примери се посочуваат соодветната застапеност и употребата на јазикот како колективни права.
„Второ, Сиљановска во Словенија раскажува како македонскиот Устав предвидува права на малцинствата ‘општо‘, за разлика од уставите на други земји. Но, тоа е празна реторика. Уставот и правниот систем ефективно ги препознаваат и реализираат правата само на оние малцинства што се наведени во неговата Преамбула. На пример, соодветната застапеност или употребата на јазикот (како колективни права) не се применуваат за Кинези, Естонци или други, туку само за малцинствата наведени во Преамбулата“,
велат од опозициската партија.
Оттаму оценуваат дека толкувањето на малцинските права и на македонскиот Устав од страна на Сиљановска-Давкова е разочарувачки слабо и додаваат дека со тоа се отвора простор за нови блокади на европскиот пат на државата.
„ВМРО-ОКГ и Сиљановска продолжуваат да ја користат темата за малцинствата за внатрешна пропаганда, а не за решавање на европската обврска. Наместо да ја отворат вратата кон ЕУ, тие ја држат затворена за да ја заштитат својата криминална група од правда и одговорност“,
додаваат од СДСМ.
Според партијата, малцинствата во Уставот не се закана, туку решение за напредок кон Европа и зајакнување на македонскиот идентитет.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при нејзината државна посета во Словенија денеска одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.
Во одговор на прашање од бугарскиот амбасадор во Словенија, Красимир Бојанов, по предавањето, таа рече дека Северна Македонија гарантира пошироки малцински права од дел од земјите членки на Европска Унија.
И без експлицитно споменување на Бугарите во македонскиот Устав, како што посочи, нивните права се гарантирани на исто ниво како и правата на другите заедници наведени во највисокиот правен акт.
За разлика од нас, според Сиљановска-Давкова, Бугарија не гарантира права на малцинствата во посебен член во уставот, туку само член за забрана на каков било вид дискриминација по која било основа.
„ЕУ нема заедничка политика за правата на малцинствата и не е дел од таканареченото acquis communautaire. На пример, Франција и Грција се држави кои дури и не ја потпишаа Конвенцијата за правата на малцинствата ниту конвенцијата за регионални и локални јазици. Повеќето членки на ЕУ немаат ниту еден збор за правата на малцинствата во своите устави. Во вашиот Устав нема гаранција за правата на малцинствата. Имате за ова само во член 6, клаузула за антидискриминација која вели дека секој граѓанин е еднаков, без разлика на пол, раса или етничка и национална малцинска припадност“,
му одговори таа на бугарскиот амбасадор во Словенија.
Како едно од можните решенија за спорот со Бугарија, ја посочи можноста евентуалните уставни измени да бидат последни и да стапат во сила по завршувањето на преговорите со Европска Унија. Според неа, постои можност една третина од земјите членки да побараат од Европски совет одземање на правото на глас на земја членка доколку ги прекрши принципите и вредностите на Унијата.
