Новиот закон, вели Николоски, е од клучно значење за македонските транспортни компании, бидејќи директно го адресира проблемот со ограничениот престој во Шенген-зоната наметнат од ЕЕС

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека во Хрватска е усвоен закон со кој се овозможува издавање на долгорочни визи за професионалните возачи.
Оваа одлука доаѓа како директен резултат на договорот што Николоски го постигнал со неговиот хрватски колега, вицепремиерот и министер Олег Бутковиќ, за време на нивната средба во јануари годинава.
Новиот закон, вели Николоски, е од клучно значење за македонските транспортни компании бидејќи директно го адресира проблемот со ограничениот престој во Шенген-зоната наметнат од ЕЕС.
„Ова е чекор напред во решение на проблемот што произлезе со воведување на ЕЕС-системот во Шенген-зоната. Овој закон многу ќе им помогне на македонските професионални возачи“,
напиша Николоски во објава на неговиот фејсбук-профил.
Николоски посочи дека Хрватска не е единствената земја, туку дека и Швајцарија веќе издава долгорочни визи, а Министерството за транспорт очекува на овој пример набрзо да се приклучат и други европски држави.
Министерот најави дека ќе се продолжи кон конструктивни решенија за професионалните возачи.
Инаку, транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена, бараат промена на овој систем. Тој, како што велат, создава сериозни пречки бидејќи професионални превозници од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора ги третира како туристи, а не како работници.
