Златото било откриено кај патник при детална контрола на автобус кој сообраќал на релација Гостивар – Истанбул

Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречиле обид за шверц на златна плочка со тежина од 848 грама, чија вредност на пазарот се проценува на околу 4,5 милиони денари.
Златото било откриено кај патник при детална контрола на автобус кој сообраќал на релација Гостивар – Истанбул.
Според информациите од Царинската управа, откако автобусот бил издвоен за контрола за еден од патниците, кој е македонски државјанин, имало сомневања и била извршена проверка.
Инспекторите откриле дека патникот, непосредно пред почетокот на претресот ја извадил плочката од своето сако и ја скрил во едниот чевел, завиткана во бела хартија. Сепак, при деталниот преглед на неговата облека и лични предмети, плочката била пронајдена.
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги против сторителот поднело до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија кривична пријава за делото криумчарење.
„Царинската управа во континуитет спроведува активности за спречување на нелегална трговија и криумчарење вредна стока, со цел заштита на легалните трговски текови и економските интереси на државата“,
велат од Управата.
