Убиството се случило на 15 мај во шума во околина на скопски Сарај, а во полиција пријавил таткото на осомничениот откако неговиот син го признал убиството
Со оглед дека прибирањето на доказите е во тек, а постојат околности што укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, можност за негово влијание на сведоци и прикривање на трагите, како и ризик истиот да изврши друго кривично дело, јавен обвинител до судија на претходна постапка побарал да се определи мерка краткотраен притвор од 48 часа до обезбедување на сите докази и формално отварање на истрагата
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара да се определи мерка краткотраен притвор од 48 часа за 19-годишникот осомничен за убиство на 18-годишното момче во селото Бојане во Општина Сарај.
Покрај тоа, како што информираат од Обвинителството, наредена е обдукција на телото на починатото момче, а издадена е и наредба за вештачење на траги и за анализи на оружјето за кое се смета дека е сторено делото.

„Постои основано сомнение дека кривичното дело убиство го извршил 19-годишник од селото Бојане, кој е лишен од слобода“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека со оглед дека прибирањето на доказите е во тек, а постојат околности што укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, можност за негово влијание на сведоци и прикривање на трагите, како и ризик истиот да изврши друго кривично дело, јавен обвинител до судија на претходна постапка побарал да се определи мерка краткотраен притвор од 48 часа до обезбедување на сите докази и формално отварање на истрагата.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека рано утрово во 00:50 часот во село Бојане, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Б. (19) од истото село, поради основано сомнение за сторено кривично дело убиство.
Оттаму информираа и дека претходно на телефонската линија за итни повици 192 се јавил неговиот татко И.Б., кој пријавил дека синот М.Б. му признал оти на 15.05.2026 година, во шума во околината на селото Сарај, со пиштол го усмртил Б.Д. (18) од Бојане.
По преземени мерки од страна на полицијата, М.Б. е приведен, а на терен се пронајдени и телото на починатиот како и оружјето што е употребено при извршување на убиството.
