Според членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонијо Милошоски, и покрај тоа што стручни истражители на Министерството за внатрешни работи (МВР) обезбедиле релевантни докази за, како што кажа, коруптивната и скапа набавка, сепак, шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, и обвинителката во ова Обвинителство, Катерина Коларевиќ, одлучиле да ја прекинат истрагата
Обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, во вторникот на брифинг со новинарите, а вчера и во интервју за „360 степени“, кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара од Советот на јавните обвинители да изврши надзор над работата на обвинителите во Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) и да истражи како била донесена, како што велат од партијата, контроверзната одлука за запирање на постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Барањата до Советот денеска на прес-конференција ги упати пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој повторно го прозва шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, обвинувајќи го дека поради негова лична и политичка концесија кон СДСМ и ДУИ, предметот во јавноста познат како „Мазут“ деновиве доживеал тивка амнестија.
„Заклучокот е јасен. Иако јавноста е изненадена на непријатен начин, сепак, главниот обвинител во ЈО ГОKK, Ислам Абази, веројатно има лична и политичка концесија кон (Али) Ахмети, (Зоран) Заев и (Венко) Филипче, како ментори на неговата кариера. Се разбира, оваа концесија е заради блиските до СДС и ДУИ – Васко Ковачевски, Ерџан Сулкоски, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски коишто заедно со други девет лица биле предмет на оваа голема набавка на мазут вредна 167 милиони евра“,
рече Милошоски.
Според него, и покрај тоа што стручни истражители на Министерството за внатрешни работи (МВР) обезбедиле релевантни докази за, како што кажа, коруптивната и скапа набавка, сепак, шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, и обвинителката во ова Обвинителство, Катерина Коларевиќ, одлучиле да ја прекинат истрагата.
„Затоа го повикуваме претседателот на Советот на јавни обвинители да изврши надзор над работата на обвинителите во ЈО ГОКК поради оваа контроверзна одлука за прекинување на истрагата во случајот ‘Мазут’ и набавките во ТЕЦ ‘Неготино’“,
рече тој.
Како што наведе членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Советот на јавните согласно законските надлежности треба ги сослуша Абази и Коларевиќ и со нив заедно да бидат истражени постапката и начинот на кој тие одлучиле да ја прекинат истрагата за случајот „Мазут“ поради што осомничените уште пред да појдат на суд, според Милошоски, биле амнестирани од каква било одговорност или од какво било обвинение.
„Јавноста има право да го дознае секој детаљ за оваа набавка од 167 милиони евра, затоа што во овој случај испадна дека одредени истражувачки новинари беа поефикасни во истрагата од обвинителите Ислам Абази и Коларевиќ“,
рече Милошоски додавајќи дека владеењето на правото нема да се зајакне со вакви контроверзни одлуки и прекинување на истрагите, владеењето на правото се зајакнува доколку високата корупција и сомнежите за злоупотреба на вакви јавни набавки имаат можност да бидат докажувани со аргументи на Обвинителството и на обвинетите и на адвокатите пред надлежен суд.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во вторникот соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа. Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Веднаш по соопштувањето на одлуката, реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која побара оставка од шефот на ОЈО ГОКК за запирањето на постапката.
Обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, во вторникот на брифинг со новинарите, а вчера и во интервју за „360 степени“, кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г. Таа додава дека претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавиле дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани.
Од власта, пак, излегоа со спротивни тврдења. Вчера во телевизиско гостување министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека врз основа на информации добиени од лица вклучени во процесот не смета оти е постапено максимално професионално ниту дека е целосно утврдена фактичката состојба во случајот. Посочи дека случајот сè уште не е завршен бидејќи МВР располага со утврдени факти што дополнително ќе бидат презентирани пред јавноста со цел да се обезбеди правда.
Прекинот на истрагата го критикуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека му се јавил на јавниот обвинител на РСМ, Ненад Савески, што самото по себе предизвика нова низа реакции поради фактот што извршната власт директно реагира за конкретен предмет кај обвинителството.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) побараа оставка од Савески, наведувајќи дека државниот јавен обвинител одработува по нарачки од премиерот.
Потегот на премиерот предизвика реакции и кај дел од стручната фела, а претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими за „360 степени“ рече дека ја следат ситуацијата со контактите Мицкоски – Савески и дека ќе се разговара со државниот јавен обвинител, пред да се донесе одлука за евентуално свикување седница или некакви други чекори.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во средата потврдија дека државниот јавен обвинител имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, прв по стапувањето на функцијата, но, како што наведоа оттаму, во разговорот воопшти не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
На прашање на премиерот за конкретниот предмет, од страна на Савески му било кажано она што беше објавено од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во медиумите, дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дознал по нејзиното објавување.
