Министерот изјави дека врз основа на информации добиени од лица вклучени во процесот, не смета оти е постапено максимално професионално ниту дека е целосно утврдена фактичката состојба во случајот, со цел целосно разоткривање на настаните поврзани со одредени државни претпријатија во минатото. Според него, фактичката состојба не е соодветно презентирана и дека не може да се прифати дека во претходниот период постоеле докази, а сега не постојат
Посочи дека случајот сè уште не е завршен, бидејќи МВР располага со утврдени факти што дополнително ќе бидат презентирани пред јавноста со цел обезбедување правда
На новинарско прашање за коментар во врска со телефонскиот разговор што го оствариле премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески и дека тој бил поврзан со случајот „Мазут“, министерот рече дека лично верува оти премиерот никогаш не би влегувал во незаконски комуникации ниту би влијаел врз обвинител за негово постапување
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека не смее да има тивок обид за затворање на постапката поврзана со набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, додавајќи дека акцијата била спроведена лани во координација и по насоки на Обвинителството.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) завчера соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Во гостување во емисија на Телевизија Канал 5, Тошковски изрази сомнеж во образложението дека постапката се затвора поради недостиг на докази, наведувајќи дека не верува оти претходно не постоеле релевантни докази.
„Јас сум шокиран и разочаран од одлуката на ОЈО ГОКК, исто како што е шокирана целата македонска јавност. Овој предмет беше работен заедно со Јавното обвинителство, по насока на јавите обвинители е постапувано и во рамките на предистражната постапка. Кривичната пријава е изговувана по насоки на истиот јавен обвинител и кога истата е поднесена од МВР беа ценити околности во насока на определување на мерки за обезбедување на присуство, во конкретниот случај за дел од осомничемните беше побарана и најтешка мерка. Како наеднаш се смени фактичката состојба, треба друг да даде одговор, а не јас. Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството“,
изјави Тошковски, додавајќи дека ова е големо разочарување и за тимот на МВР кој работел на случајот.
Посочи дека конечно е дојдено време ваков потенцијален криминал каков што е направен во овој случај да не биде затворен со плитко спроведени постапка.
Според него, не е постапено професионално и фактичката состојба не е целосно утврдена.
„По информациите што ги имам добиено од луѓе кои се дел од овој процес не сметам дека е постапено максимално професионално и во насока на утврдување на правилната фактична состојба, се со цел да се разоткрие она што е правено во рамки на одредени државни претпријатија во минатото. Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба. Никој не може да ме убеди дека во тој момент тогаш имало докази, а сега нема за да се преземат чекори какви што се презеле“,
рече министерот.
Случајот не е затворен и најави дека јавноста во следниот период ќе биде информирана за нови сознанија.
„Ќе види јавноста во следниот период за што точно сум сакал да поентирам од аспект на фактична состојба што МВР неспорно ја има утврдено изминатиот период во насока на остварување на право и правда“,
вели тој.
На новинарско прашање за коментар во врска со телефонскиот разговор што го оствариле премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески и дека тој бил поврзан со случајот „Мазут“, министерот рече дека лично верува оти премиерот никогаш не би влегувал во незаконски комуникации ниту би влијаел врз обвинител за негово постапување.
Опозициската СДСМ претходно обвини дека премиерот и обвинителот се договарале за предмети и тек на истраги.
„Лично познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во рамки на одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли во насока да влијае на кој било обвинител, конкретно дали треба да постапува вака или онака. Така што, не верувам дека е направена каква било конкретна неправилност при која било дејност што ја презел во насока на комуникација со јавниот обвинител. Претпоставувам дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност, како прв човек на Владата, претставник на македонските граѓани, навистина не гледам ништо спорно во тоа што побарал информација за случајот, особено од аспект на она што е излезено во јавноста дека јавниот обвинител не е консултиран за предметната одлука“,
рече Тошковски.
Посочи дека во државата нема заштитени и недопирливи, без разлика дали станува збор за лица од власта или опозицијата. Тоа, според него, се однесува и на случаи кога се работи за структури или лица блиски до владејачката гарнитура, со се покажува крај на практиките на селективност и неказнивост.
„Напротив, мислам дека премиерот сака да покаже пример дека конечно времето на селективност, неказнивост и прогледување низ прсти на своите е завршено. Со сите постапки што ги спроведовме во изминатиот период тоа и го покажавме“,
кажа тој.
Според него, МВР постапува без оглед на функцијата или политичката припадност на лицата кои се предмет на истрага, наведувајќи дека нема заштитени во рамки на работењето на Министерството.
И анкетите на граѓаните, како што додаде, покажуваат различна перцепција за борбата против корупцијата кога се споредува МВР со други институции, како Јавното обвинителство.
Јавното обвинителство на РСМ вчера потврди дека државниот јавен обвинител Ненад Савески вчера имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, што, како што наведоа, било првпат по неговото стапување на обвинителската функција. Оттаму посочија дека обвинителот не може да спречи никого да му се јави телефонски. Во однос на разговорот што Савески го имал со премиерот, велат дека не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Во врска со одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, премиерот вчера рече дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој му пренел дека не бил информиран за одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
