За надомест од 5 000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбиена пресуда, а откако не успеале, побарале 3 000 евра за да влијаат кај судии во Апелацискиот суд Гостивар за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката
Надлежниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог на двајцата осомничени да им бидат одредени мерки на претпазливост
Претседател на суд и судски администратор се осомничени дека барале и примиле мито од 8 000 евра за да влијаат кај судија во основен и судии во апелациски суд во врска со граѓански спор што го водело лицето од кое ги зеле парите.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска соопштија дека надлежен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против двете лица, кои како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Во соопштението не е прецизирано од кој суд доаѓаат осомничениот претседател и судскиот администратор, но јасно е наведено дека требало да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и на совет на судии во Апелацискиот суд Гостивар.
Според ОЈО ГОКК, осомничените делото го сториле во периодот од 2003 до 2025 година, искористувајќи ја својата службена положба.
„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно, со умисла искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како претседател и судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8 000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Споделувајќи детали за случајот, оттаму наведуваат дека на почетокот на 2023 година осомничените му ветиле помош на лице кое било странка во граѓански спор. За надомест од 5 000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбиена пресуда.
Но, откако не успеале, тие пак побарале пари од лицето, овојпат 3 000 евра, за да влијаат кај судии во второстепениот суд за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката.
Износот од 800 евра на второосомничениот судски администратор му биле дадени подоцна за да заврши работа во врска со доставениот писмен документ од извршител.
Надлежниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог на двајцата осомничени да им бидат одредени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, одземање на пасошите и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
