„Водно е далеку, не сите луѓе може да стигнат таму, комплицирано е. Но, тука секој ден врват, затоа мислевме дека е добро оваа канцеларија да биде место на кое ќе може секој да тропне, да влезе, да се распраша што може да направи“, рече таа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја отвори народната канцеларија лоцирана на улицата „Димитрие Чуповски“ бр. 7, во срцето на главниот град. Со овој потег, како што рече таа, институцијата претседател станува поблиска и подостапна за граѓаните
Според претседателката, новата канцеларија е замислена како отворено место за сите генерации – од млади до пензионери. Таа истакна дека локацијата е избрана стратегиски за да биде „на патот“ на граѓаните.
„Мислев дека е време уште едно место тука во центарот на градот да им биде во секое време достапно на граѓаните. Водно е далеку, не сите луѓе може да стигнат таму, комплицирано е. Но, тука секој ден врват, затоа мислевме дека е добро оваа канцеларија да биде место на кое ќе може секој да тропне, да влезе, да се распраша што може да направи“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека инспирација добила од младите и додаде дека во канцеларијата ќе може да има и изложби, дебати, концерти, плакати, и тоа да биде простор каде што ќе се менуваат на волонтерска основа оние што се овде.
Скопската канцеларија рече дека е само првиот чекор и најави дека во соработка со локалните самоуправи вакви катчиња ќе се отвораат и во другите градови низ Македонија.
„Очекувам проекти, очекувам успех и дијалог што ќе вроди со плод“,
додаде таа.
