Високиот претставник Кристијан Шмит, кој го потврди заминувањето од оваа позиција, наведува дека целокупната безбедносна состојба во БиХ останува стабилна, но кревка. Посочува дека БиХ минува низ тивок колапс на демократските стандарди, а дека корупцијата во земјата е сериозен и траен проблем
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска дискутираше за ситуацијата во Босна и Херцеговина, а седницата започна со противењето на Русија на присуството на високиот претставник Кристијан Шмит.
И покрај противењата на Русија, Шмит сепак го одржа своето последно обраќање пред Советот за безбедност и потврди дека ќе ја напушти функцијата висок претставник за БиХ во јуни.

Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, тој оцени дека властите на Република Српска го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на земјата со сецесионистички потези и изјави и со блокирање на државните институции. Предупреди дека ваквите состојби водат кон тивка деконструкција на државата.
Во извештајот, кој го опфаќа периодот од 16 октомври 2025 година до 15 април 2026 година, Шмит наведува дека целокупната безбедносна состојба во БиХ останува стабилна, но кревка. Во еден од најострите делови од извештајот, Шмит наведува дека БиХ минува низ тивок колапс на демократските стандарди, а дека корупцијата во земјата е сериозен и траен проблем, длабоко вкоренет во јавните институции и секојдневниот живот.
Шмит потврди дека ќе ја напушти функцијата во јуни и дека процесот на избор на негов наследник веќе е започнат.
Според најавите од САД, неговиот наследник би можел да има ограничени овластувања.
„Босна и Херцеговина влегува во нова фаза. Канцеларијата на високиот претставник никогаш не била замислена да биде постојана институција, што значи дека наследникот на Шмит ќе има ограничени овластувања во БиХ, па затоа улогата на следниот висок претставник е да им ги предаде одговорностите на локалните лидери“,
рече заменик-амбасадорката на САД во ОН, Тами Брус.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Алексеевич Небензија, пак, оцени дека Канцеларијата за висок функционер во БиХ е главната причина за нестабилност во земјата и побара итно затворање на ова тело. Тој ги обвини западните земји, пред сè Германија, Велика Британија и Франција, за мешање во внатрешните работи на Босна и Херцеговина и оцени дека Дејтонскиот мировен договор се користи како средство за политичка манипулација.
