„Според Законот за кривична постапка, за да поднесам обвинение, треба да сметам дека барем половина од доказите би ми донеле осудителна пресуда, па со тие половина докази да ги елиминирам оние што не ми одат во корист, но мене ниту еден поединечно не ми оди во корист“, рече на денешниот брифинг со новинарите обвинителката Катерина Коларевиќ која ја водеше истрагата и донесе одлука за запирање на постапката
Како што наведе таа, фирмата РКМ ги вршела набавките на мазутот за ТЕЦ „Неготино“, како што било предвидено и според условите од договорот, а во рамките на истрагата не биле потврдени ниту наводите дека камионите чекале пред капијата на термоелектраната неколку дена за мазутот да може да биде продаден по повисока цена
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) од 200 собрани докази не најде ниту еден според кој, согласно Законот за кривична постапка (ЗКП), може да очекува осудителна пресуда доколку поднесеше обвинение.
Ова денеска на брифинг со новинарите го кажа обвинителката Катерина Коларевиќ која ја водеше истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ во периодот на енергетската криза од 2021 до 2023 г., и за која, како што соопштија денеска од ОЈО ГОКК, постапката е запрена.

Со одлуката на Обвинителството, односно на обвинителката Коларевиќ, од натамошен кривичен прогон се спасија 13 физички лица, меѓу кои и бизнисмените Асмир Јахоски, Ерџан Сулкоски, Ратко Капушевски, поранешниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и уште осум други лица вработени во ЕСМ.
Како правно лице во постапката се гонеше фирмата на Капушевски и на Сулкоски – РКМ.
„По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ ‘Неготино’. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар ниту, пак,. е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност“,
соопштија денеска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
На брифингот со новинарите, на кој покрај обвинителката Коларевиќ присуствуваше и шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, беше даден осврт на предистражните и истражните дејствија што ги презело Обвинителството за предметот, кои, патем, го чинеле ОЈО ГОКК околу 50 000 евра за потребите за вештачења и други делови од постапката.
„Според Законот за кривична постапка, за да поднесам обвинение, треба да сметам дека барем половина од доказите би ми донеле осудителна пресуда, па со тие половина докази да ги елиминирам оние што не ми одат во корист, но мене ниту еден поединечно не ми оди во корист“,
кажа Коларевиќ сумирајќи го исходот од преземените дејствија.
Иницијативата на ДКСК
А, како што кажа на почетокот, сè почнало со предистражна постапка по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) кон поранешниот министер за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, во врска со набавките на мазут за време на енергетската криза.
„Беше наведено дека при спроведување постапки за набавка на мазут за ТЕЦ ‘Неготино’ била искористена енергетска криза за да се набавува мазут со сомнително потекло, дека мазутот којшто бил испорачуван во ТЕЦ ‘Неготино’ не бил испорачуван, дека фирмата што го испорачувала мазутот немала лиценца, односно формално имала добиено лиценца, постоеле сомневања дека процесот на издавање лиценца од Регулаторната комисија за енергетика не бил законски. Што значи дека ние, постапувајќи по таа првична иницијатива на ДКСК во рамки на ова Обвинителство, почнавме да преземаме дејствија. И првично почнавме од таму што побаравме од Регулаторната комисија да ни ги издаде листите за тоа кои сè фирми во државата имаат лиценци за трговија со течни горива, особено за мазут, бидејќи само неколку фирми во државата имаат лиценци за трговија со мазут”,
кажа обвинителката.
Наводите во иницијативата на ДКСК, како што кажа Коларевиќ, се покажале како неиздржни и неточни, а во меѓувреме дошла и кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи, според која 13 осомничени лица се товарат за злоупотреби при јавни набавки и дел за перење пари.
Коларевиќ рече дека Обвинителството морало да отвори истражна постапка, не само поради тоа што станувало збор за големи количества мазут туку и за наводна голема финансиска штета која тогаш од истражните органи беше пресметана на 167,5 милиони евра.
Кривичната пријава и истрагата
Во пријавата, како што наведе Коларевиќ, не биле споменати наводите што претходно биле содржани во иницијативата на Антикорупциската комисија.
„Кривичната пријава опфаќаше голем дел од вработените во ‘Електрани на Северна Македонија’ со тогашниот генерален директор Васко Ковачевски и беше опфатена фирмата во сопствеништво првенствено на Ратко Капушевски, а потоа се двајца сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Врз основа на таа пријава беше донесена наредба за спроведување истражна постапка во март минатата година. Според пријавата, фирмата РКМ која учествувала на јавните повици давала невистинити податоци, главно во поглед на динамиката за испорака на мазутот за ТЕЦ ‘Неготино’“,
рече обвинителката објаснувајќи ги почетоците на истрагата.
Како посебен момент таа го наведе тоа што на почетокот Обвинителството работело со истражители од својот истражен центар, но откако голем дел од нив си заминале и останале само еден-двајца специјализирани за економски и финансиски истраги, со наредба се обратиле до Министерството за внатрешни работи (МВР).
Но, од она што го добиле од вештачењата – распитите на сведоци, претресите, увиди во докуметнациите на ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ – утврдиле дека во случајот ги нема основите за кривичните дела, како и дека фирмата РКМ го добила договорот за испорака на мазут за термоелектраната бидејќи била единствената што можела да ги обезбеди количините што се барале во јавната набавка.
Единствените услови биле да се испорачуваат 1 200 тони мазут и да се запази динамиката на испораките. Тоа, како што кажа Коларевиќ, според вештачењата и сведоштвата на стручни лица од ЕСМ и од ТЕЦ „Неготино“, било и направено.
Другите фирми што имале лиценци за трговија со мазут и биле консултирани од ЕСМ рекле дека не можат да ги обезбедат бараните количества, а дел барале и самата државна фирма да ги финансира за да не бидат во загуби.

Улогата на газдата на „Пуцко петрол“
Инаку, како што наведе Коларевиќ, на првиот оглас како група фирми се јавиле РКМ на Капушевски и „Пуцко петрол“ на Асмир Јаховски. Но, биле одбиени. Причината била тоа што фирмата „Пуцко петрол“ немала лиценца за трговија со мазут.
По ова, на еден од следните повици, кога веќе почнале и да газат роковите за рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ поради енергетиката криза, се јавила фирмата РКМ која гарантирала дека може да ги достави бараните количества нафта.
Она што е интересно е што за банкарската гаранција РКМ позајмила пари од „Пуцко петрол“ на Асмир Јахоски, а тој бил и посредникот, кој ја договорил испораката на мазут со грчката нафтена компанија „Хеленик петролеум“.
„Банкарската гаранција што ја нуди РКМ е со парите што ѝ ги позајмува Асмир Јахоски. Тој успева да ги обезбеди количините од ‘Хеленик петролеум’. Немавме можност да сослушаме претставник од ‘Хеленик петролеум’, иако пуштивме три замолници“,
вели обвинителката Коларевиќ.
Ерџан Сулкоски, пак, се вклучува во целата работа преку својата фирма „Пацифик“ затоа што поседува камион-цистерни за транспорт на мазутот. Тој побарал, а потоа и влегол во сопственичката структура на РКМ за да може да добива од профитот од испораката на мазут.
„Ерџан Сулкоски преку фирмата ‘Пацифик’ пристапил заради тоа што во добавувањето на мазутот не може да постигнат само грчките цистерни и малкуте цистерни во Македонија. Тој побарал да влезе со удел во РКМ, нормално, за да има добивка“,
рече обвинителката.
Како што наведе таа, фирмата РКМ ги вршела набавките на мазутот за ТЕЦ „Неготино“ како што било предвидено и според условите од договорот, а во рамките на истрагата не биле потврдени ниту наводите дека камионите чекале пред капијата на термоелектраната неколку дена за мазутот да може да биде продаден по повисока цена.
„Во (кривичната) пријава ние имавме дека мазутот што се носел во ТЕЦ ‘Неготино’ не се внесувал, туку стоел пред рампа поради тоа што РКМ чекала до следните денови за да се продаде по повисока цена. Меѓутоа, по вештачењето што го направивме во поглед на фактурите и на приемниците се покажа дека деновите кога се истоварал мазутот неговата цена била помала“,
беше кажано на денешниот брифинг.
Избегнати рестрикции на струја
Обвинителката, меѓу другото, наведе и дека да не била понудата и договорот со фирмата РКМ, термоелектраната немало да може да се рестартира и да почне со производство на електрична енергија, а државата ќе се соочела со рестрикции во снабдувањето со струја во услови на енергетска криза.
„ТЕЦ ‘Неготино’ ја произведува електричната енергија по сума од 180 до 200 евра по киловат-час, а во период за цела 2022 година цената на електричната енергија на слободен пазар, од она што ние го имаме прибавено како доказ, била од 250 до 600 евра по киловат-час. Целиот мазут што бил внесен во ТЕЦ ‘Неготино’ бил искористен во работниот процес на централата. Нормално, имало загуби поради тоа што станува збор за централа која е постара од 50 години. Меѓутоа, со сите тие загуби, со пресметката на електричната енергија што била произведена во тој процес, самите вработени од АД ЕСМ и вработените од ТЕЦ ‘Неготино’ кажаа дека се надминати многу поголеми трошоци од буџетот отколку таа електрична енергија да била купувана на слободен пазар, која во тој период требало да се резервира затоа што сите држави во регионот биле во енергетска криза. Да не сме постапиле вака како што сме постапиле, генерално во Македонија во текот на 2022 година ќе сме имале големи рестрикции“,
кажа обвинителката Коларевиќ.

За потсетување, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски беа осомничени дека во периодот 2021-2023 година, како основачи и управители на кривично одговорното правно лице, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“, поднеле невистинита документација и со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери.
Деветмина осомничени, меѓу кои и поранешниот генерален директор Васко Ковачевски, беа од ЕСМ. Тие се гонеа дека, иако наводно знаеле оти правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат договори за јавна набавка во негова корист и му овозможиле да испорачува мазут сè до 24.2.2023 година.
Улогата на газдата на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, без да го именуваат, од ОЈО ГОКК пред нешто повеќе од една година ја опишаа на следниот начин:
„Врз основа на договор за посредување и анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72 000 000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот, така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација, ги трансферирал по основ на ’позајмица’ кон своето правно лице“,
беше наведено во соопштението од ОЈО ГОКК.
Во врска со оваа сума од Обвинителството денеска наведоа дека тоа се пари што газдата на „Пуцко петрол“ ги добил за склучениот договор за посредување со РКМ и „Хеленик петролеум“ во 2021 година и анекс на тој договор една година подоцна, односно во 2022 година. Според Обвинителството, тој парите ги пријавил во Управата за јавни приходи (УЈП) и платил данок.
