„По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност“, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи во истрагата, што траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.

Имено, станува збор за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, а во неа беше опфатен и поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски.
Акцијата беше спроведена на 10 март, минатата година, по која на Капушевски и на Јахоски им беше одредена мерка притвор. На Јахоски, првично судот му одреди куќен притвор, но неколку дена подоцна таа беше заменета со активен притвор, за да во мај Апелација одлучи да му го укине притворот на газдата на „Пуцко петрол“ и да му одреди мерки на претпазливост, во замена за гаранција од околу 2 милиони евра во готовина и недвижен имот.
Тие и уште осум лица се товареа за злоупотреби при јавни набавки на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза, незаконити договори и анекси и перење пари. Финансиската штета што тогаш беше пресметана во предистражната постапка и изнесуваше 167,5 милиони евра.
Но, како што соопштија денеска од ОЈО ГОКК, едногодишната истрага не нашла докази дека тогаш осомничените ги сториле кривичните дела.
„По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ ‘Неготино’. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.
Предмет на истрагата беше постоење на основано сомнение дека во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ ‘Неготино’, спроведени во услови на енергетска криза, биле сторени злоупотреби при јавните повици, незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари и други приноси од казниво дело“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Во таа насока, оттаму наведуваат дека во текот на постапката била анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, а биле земени искази од повеќе сведоци – претставници од АД ЕСМ, ТЕЦ „Неготино“, како и од претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со мазут.
Од доказите, велат од ОЈО ГОКК, произлегло дека постапките за набавка на мазут, кои биле предмет на истрагата, се спроведувани согласно условите за прогласена кризна состојба од страна на Владата, а заради непречено производство на електрична енергија.
„Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари“,
велат од ОЈО ГОКК.
Дополнително, од собраните докази во однос на динамиката на испорака на мазутот, документацијата и исказите на сведоците од ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“, Обвинителството дошло до заклучок дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната и во ниту еден момент не било нарушен процесот на произивдство на електрична енергија.
„Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар“,
велат од Обвинителството.
Во текот на истражната постапка, ОЈО ГОКК не утврдило ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на државната ЕСМ и на Буџетот на држвата.
Напротив, наведуваат од Обвинителството, од доказите произлегло дека измените на годишниот план за јавни анабвки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на ЕСМ – Управниот и Надзорниот одбор.

„Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
На крајот од Обинителството резимираат, односно наведуваат дека бидејќи од сите прибрани докази не произлегува дека основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела коис е гонат по службена должност, донесена е наредба за запирање на истражната постапка.
Оттаму додаваат дека против ваквата одлука Обвинителството, оштетено правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство во рок од осум дена од приемот на наредбата за запирање на истражната постапка.
Инаку, од ОЈО ГОКК за денеска попладне најавија брифинг со новинарите на кој се очекува да бидат споделени повеќе детали во врска со одлуката за запирање на истражната постапка.
За потсетување, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, беа осомничени дека во периодот на 2021–2023 година како основачи и управители на кривично одговорното правно лице, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација, и со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери.
Деветмина осомничени, меѓу кои и поранешниот генерален директор, Васко Ковачевски беа од ЕСМ. Тие се гонеа, дека наводно иако знаеле дека иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.2.2023 година.
Улогата на газдата на „Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, без да го именуваат, од ОЈО ГОКК пред нешто повеќе од една година ја опишаа на следниот начин:
„Врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ’позајмица’ кон своето правно лице“,
беше наведно во соопштението од ОЈО ГОКК.
