„Секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа – обединување“, порача премиерот на церемонијата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
На Европа не гледам само како на географија, туку на верба во човековото достоинство, во демократијата, во владеењето на правото, во почитта кон различностите и во правото секој народ слободно да чекори по својот пат. Но, секој што ме знае добро, знае дека пазар со идентитетот, со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам.

Ова беше дел од обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на денешната церемонија „Победа, принципи и вредност“ по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
„Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина“,
порача Мицкоски.
Ние верувавме и сè уште веруваме, додаде премиерот, дека Европа е нашиот единствен пат. Во оваа смисла тој посочи дека земјава нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија, иако, како што кажа, постои голема фрустрација поради сите препреки и неразумни спорови на нашиот евроинтегративен пат.
„Фрустрира кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашата држава“,
додаде премиерот во своето обраќање.

Мицкоски рече дека ги разбира предизвиците со кои денес се соочува Европа и дека во услови на војни, поделби и економска неизвесност потребно е единство. Само со обединување, додаде тој, може да се дојде до решенија, но не онакви со кои ќе им се остави товар на наредните генерации туку решенија со кои се придвижиме напред.
„Како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Во нашата историја имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати. Но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот. Жал ми е што таа рака за обединување многупати беше одбиена“,
порача претседателот на Владата во своето обраќање по повод 9 Мај.
Кон крајот на својот говор, премиерот рече дека земјава многу добро ја знае цената на слободата и дека токму затоа останува на страната на мирот, слободата и европските вредности. 9 Мај, порача Мицкоски, не е само датум од историјата, туку потсетник дека во најтемните времиња народите можат да најдат сила и да се обединат.
