Заблагодарувајќи му се на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговиот тим за, како што вели, продуктивното дипломатско учество, Зеленски вели дека очекува од Соединетите Американски Држави да осигурат дека руската страна ќе се придржува до договореното
Дека Москва ја прифатила иницијативата соопшти Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател Владимир Путин
Киев и Москва потврдија дека се согласиле на тридневен прекин на огнот и размена на воени заробеници, откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно денеска објави дека успеал да издејствува ваков договор меѓу двете завојувани страни.

Потврдата од украинска страна дојде од претседателот на земјата Володимир Зеленски, кој на социјалната платформа Икс објави дека е договорен тридневен прекин на огнот со Русија на иницијатива на американскиот претседател, како дел од неговите напори за продолжување на преговорите за ставање крај на војната која трае повеќе од четири години.
Зеленски вели дека двете страни ќе разменат воени заробеници според принципот „1 000 за 1 000“, наведувајќи, во тој контекст, дека ослободувањето на украинските заробеници отсекогаш бил еден од клучните хуманитарни приоритети на Киев.
„Црвениот плоштад ни е помалку важен од животите на украинските заробеници кои можат да бидат вратени дома. Затоа денес, во рамките на преговарачкиот процес со посредство на американската страна, добивме согласност од Русија за спроведување размена на заробеници во формат 1 000 за 1 000. Исто така, мора да се воспостави режим на прекин на огнот на 9, 10 и 11 мај. Украина постојано работи на враќање на своите луѓе дома од руско заробеништво. Му наложив на нашиот тим брзо да подготви сè што е потребно за размена“,
наведува украинскиот претседател во објавата.
Заблагодарувајќи му се на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговиот тим за, како што вели, продуктивното дипломатско учество, Зеленски вели дека очекува од Соединетите Американски Држави да осигурат дека руската страна ќе се придржува до договореното.
In recent days, there have been many appeals and signals regarding the setup for tomorrow in Moscow in connection with our Ukrainian long-range sanctions. The principle of symmetry in our actions is well known and has been clearly communicated to the Russian side. An additional…
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) May 8, 2026
Нешто подоцна агенцијата Франс-прес објави дека Москва го потврдила тридневниот прекин на огнот и размената на заробеници со Киев, пренесувајќи изјава на Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател Владимир Путин.
„По налог на рускиот претседател Владимир Владимирович Путин, потврдувам дека руската страна ја прифаќа иницијативата што ја предложи американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот и за размена на заробеници меѓу Русија и Украина“,
рекол Ушаков.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на социјалните мрежи објави дека на негов предлог Русија и Украина се согласиле на тридневен прекин на огнот, кој ќе започне утре (9 мај) и ќе трае до понеделник (11 мај).
Тој во објавата на неговата социјална платформа Трут соушл напиша оти се надева дека прекинот на огнот е само почеток на крајот на долгата, смртоносна и тешка војна, додавајќи дека разговорите за нејзиното завршување продолжуваат.
„Ова барање го упатив директно јас и многу го ценам договорот од страна на претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски. Се надевам дека ова е почеток на крајот на многу долгата, смртоносна и тешка војна. Разговорите продолжуваат за завршување на овој голем конфликт, најголем по Втората светска војна, и секој ден сме сè поблиску“,
наведе американскиот претседател во објавата.
Инаку, Москва и Киев изминатите денови меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјата што секоја од двете земји посебно ги прогласи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи примирје што би започнало на 6 мај, како одговор на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на огнот од 8 до 9 мај, период кога Москва ја одбележува победата во Втората светска војна. Москва претходно соопшти дека на парадата на Црвениот плоштад утре нема да има дефиле со воена опрема, првпат по децинии, поради можни напади од Украина.
