Преку транспарентен процес влеговме да ги решаваме најгорливите прашања, додека некои 30 години калкулираа со политичкиот рејтинг. Ние влеговме во костец со проблемот, го решивме и го отворивме фронтот за развој на земјата и оставивме перспектива за идните генерации, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва од Охрид.

„Добивме фер решение и со Бугарија и со Грција. И затоа треба да бидете горди, затоа што ние не сме денеска Северна Тунгузија. Северна Македонија сме, и само ние сме Македонија во која што е признат македонскиот јазик од целиот свет. Имаме лична карта во Обединетите Нации. Имаме имотен лист, впишани сме во државите во светот, затоа што претходно за сите бевме ФИРОМ. Не знаевме кој какви намери има да не крчми да не дели. Сега, членот 5 од НАТО вели „ако една земја е нападната, нападнати се сите земји членки“. Имаме држава признаена од цел свет и испорачуваме стабилност за целиот регион“,
порача Заев.
Заев ги повика граѓаните на 15 јули да одлучат „дали државата ќе оди напред или ќе се врати назад во старите кавги и проблеми со соседите“.

„Ги гледате политичките партии? Доаѓаат сите…Беа и нашите опоненти. Ви ветија НАТО и ЕУ? Не можат да ветат – завршена работа е. Така се води државата. И сега останува да се посветиме дома. Да ги засукаме ракавите, со пријатели од соседите, преку поглавјата со ЕУ, да ги направиме реформите во економијата, судството, образованието. Да го унапредиме уште повеќе здравството. Да ја зајакнеме културата и нашата традиција. Е тогаш е животот дома, затоа што и повисоките плати и вработувањето на младите не е доволно, треба и правда и правна држава, важно е да има кој да не лечи кога ќе се разболиме, да имаме доволно градинки и квалитетни училишта. Тоа е нашата мисија на нашата Коалиција. Докажавме дека за време на решавање на најкрупните прашања го кренавме квалитетот и стандардот за живот на нашиот народ“,
рече Заев.
Осврнувајќи се на опозицијата, Заев додаде:
„Ќе издржиме, ќе ги фрлиме и маските, но што ќе прават нашите противници со тие нивни постојани маски што ги носат. Маски на преродбата, маски на лажниот патриотизам, маски сега на обновата. Tие не можат никогаш да ги фрлат тие маски“.