Операцијата под оперативно име „Пангеа XVIII“, спроведена во март, во земји од сите континенти, резултирала со заплена на повеќе од шест милиони парчиња нелегални фармацевтски производи, во вредност од 15,5 милиони американски долари
Речиси 270 лица осомничени за трговија со дрога и нелегални лекарства се уапсени, а вкупно 66 криминални групи се разбиени во обемна полициска операција спроведена во 90 земји, објави денеска Интерпол.

Во соопштението на меѓународната организација за криминална полиција со седиште во Лион се наведува дека особено загрижува злоупотребата на антипаразитски производи, односно нивната употреба надвор од пропишаниот или законски медицински контекст.
Операцијата под оперативно име „Пангеа XVIII“, спроведена во март во земји од сите континенти, резултирала со заплена на повеќе од шест милиони парчиња нелегални фармацевтски производи, во вредност од 15,5 милиони американски долари.
Меѓу запленетите нелиценцирани или фалсификувани производи се пронајдени лекови за еректилна дисфункција, седативи, лекови против болка, антибиотици и средства за откажување од пушење цигари.
„Лажните лекови не се само измама – тие ставаат животи во опасност. Преку онлајн пазарите и неформалните синџири на снабдување, криминалците можат да ги искористат празнините во надзорот, таргетирајќи ги луѓето кои бараат брз или прифатлив третман. Последиците можат да бидат сериозни, па дури и фатални“,
вели генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза.
Според него, речиси 20 години по спроведувањето на првата операција „Пангеа“, таа и понатаму продолжува да дава резултати.
Во рамките на последната акција, меѓународната организација забележала ненадејно зголемување на заплените на антипаразитски лекови, особено оние против црви, кои се одобрени само за ветеринарна употреба.
Овие производи, кои често се претставуваат како додатоци во исхраната, се продаваат како алтернативни третмани за лекување рак, се вели во соопштението на Интерпол, во кое се нагласува дека ваквите тврдења не се поткрепени со никакви научни докази.
Употребата на овој вид производ, се наведува во соопштението, е забележана за време на пандемијата со ковид-19.

Побарувачката за фармацевтски производи поврзани со разни производи за перформанси и начин на живот, како што се стероиди и пептиди, продолжува да расте водена од популарноста на бодибилдингот и фитнесот, додаваат од Интерпол.
Еден од најзначајните случаи на операцијата било откривањето таен фармацевтски производствен погон во Бугарија, каде што биле запленети милиони таблети, ампули и инјектирачки производи.
Во Буркина Фасо, пак, властите заплениле 384 000 капсули со антибиотици, а во Брегот на Слоновата Коска во возило бил откриен еден тон фалсификувани таблети ибупрофен.
