Фјучерсите за суровата нафта „брент“ паднаа за 1,69 долари или 1,5 отсто, на 108,18 долари за барел. Фјучерсите за американската нафта Западен Тексас се намалија за 1,67 долари или 1,6 отсто, на 100,60 долари

Цените на нафтата паднаа втор ден по ред поради очекувањата дека испораката од клучниот регион за производство на Блискиот Исток би можела да продолжи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека може да се постигне мировен договор за завршување на војната со Иран.
Фјучерсите за суровата нафта „брент“ паднаа за 1,69 долари или 1,5 отсто, на 108,18 долари за барел. Фјучерсите за американската нафта Западен Тексас се намалија за 1,67 долари или 1,6 отсто, на 100,60 долари.
Трамп објави дека накратко ќе ја паузира операцијата за помош при придружба на бродовите низ Ормускиот Теснец, наведувајќи го напредокот кон сеопфатен договор со Иран, без да даде детали за договорот.
„Ова сигнализира потенцијална деескалација и ги зголемува надежите за ослободување на заглавените бродови во Заливот, што постепено би можело да ја врати понудата на пазарот“,
вели Ан Фам, виш специјалист за истражување на нафтата во ЛСЕГ (LSEG), во изјава за Ројтерс.
Фам додаде дека цените остануваат високи бидејќи изгледите за мировен договор остануваат неизвесни и оти ќе биде потребно време трговските текови целосно да се обноват дури и ако се постигне договор.
Трамп рече дека американската морнарица ќе продолжи со блокадата на иранските пристаништа.
Губењето на понудата на глобалниот пазар ги зголеми цените, а тргувањето со „брент“ минатата недела беше на највисоко ниво од март 2022 година.
