Премиерот Христијан Мицкоски рече дека по изборите СДСМ ќе стане маргинална партија, додека, пак, лидерот на опозициската партија Венко Филипче е убеден оти на следните избори, кога и да бидат, ќе се стави крај на актуелната власт

Одговарајќи на прашања поврзани со наводите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека не гледа како Бугарија го негира македонскиот идентитет, премиерот Христијан Мицкоски од скопски Аеродром рече дека жали што опозициската партија повторно одлучила да коленичи пред туѓи интереси, наместо да застане рамо до рамо со владата за националните интереси.
„Добрата вест е што набргу ќе има избори и после тие избори ќе се случи партијата која тој ја предводи да се маргинализира, и јас се надевам дека тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе кои ја сакаат, ја љубат татковината и коишто ќе се борат за оваа држава заедно со оваа влада и со мене“,
рече Мицкоски.

Неколку часа подоцна, од партиското седиште на СДСМ, Венко Филипче рече дека ја слушнал изјавата на премиерот и дека не знае за какви избори тој зборувал, но оти претпоставките му се дека најверојатно се говори за парламентарни избори, што според него е логично оти државата снемува пари и оти е јасно дека со методите на владеење на актуелната власт не може долго да се функционира, бидејќи опозицијата ги разобличува нивните лаги, ги објавува криминалните тендери и лажните патриотски политики на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат за цел единствено да се стои во место, а земјата да нема никаков напредок.
„Ние сме спремни за избори кога и да се случат и ќе ставиме крај на оваа власт бидејќи е криминална, најкорумпирана во цела Европа и затоа што е антинародна и не се грижи никако за државата и граѓаните. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот и тоа одговорно ви го кажувам“,
кажа Филипче.
До денеска изјавите на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беа дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2028 година.
