Тој се осврна и на критиките во врска со неговата препорака граѓаните да го поминат одморот дома, додавајќи оти уште поцврсто стои на ставот дека Македонија нуди прекрасни езера и планини што треба да се посетат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Владата води билатерални преговори за надминување на пречките што ги носи новиот европски систем за влез и за излез (ЕЕС). Според него, целта не е само моментално олеснување за летниот период, туку изнаоѓање трајно, генерално решение.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека неговиот пристап е насочен кон конкретни резултати, а не кон популизам.
„Има политичари од соседството кои сакаат политиката да ја направат естрада, јас немам таква намера, јас сакам да зборувам за работи што ќе се случат. Врз основа на тие преговори ценам дека на основа на билатерално ниво ќе бидат надминати овие пречки, но не само за летниот период, зборувам генерално, ние бараме генерално решение“,
изјави премиерот.
Тој се осврна и на критиките во врска со неговата препорака граѓаните да го поминат одморот дома, додавајќи оти уште поцврсто стои на ставот дека Македонија нуди прекрасни езера и планини што треба да се посетат.
Вчера и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информира дека земјите од регионот, во тесна соработка со Европската Унија и нејзините земји членки, преземаат чекори за решавање на проблемот со метежот на граничните премини, кој е најизразен за време на летната сезона.
Тој потенцира дека сè уште нема официјално потврдени одговори за конкретните решенија, поради што е рано да се споделуваат детали.
Воведувањето на новиот ЕЕС за влез и за излез од земјите на Европската Унија создаде големи метежи на граничните премини бидејќи секое преминување на надворешните граници на Шенген-зоната се врши со електронска евиденција и биометриска проверка, со фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
