Претседателката учествувала и на панел-дискусија која била во рамките на активностите на Европската коалиција против дрогата (ECAD). Таа посочила дека Западен Балкан претставува транзитна зона за трговијата со дрога, нагласувајќи ја сериозноста на овој предизвик и опасноста од влијание на таканаречените „трети актери“

Актуелните глобални конфликти и енергетски турбуленции создаваат сериозни ризици за енергетската стабилност, а особено ранливи се малите држави. Ова го истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на тркалезната маса на тема „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената транзиција“, а која се одржала на 8. Самит на Европската политичка заедница во Ереван, Ерменија.
За Сиљановска-Давкова, енергетската поврзаност не е само економско прашање, туку и безбедносен национален, регионален и европски приоритет. Таа смета дека најголемите пречки за енергетската поврзаност на Западниот Балкан немаат технички, туку политички карактер.
Според неа, билатералните спорови и (зло)употребата на ветото предизвикуваат поголема штета на регионалната поврзаност отколку каков било недостиг од инфраструктура.
„Секој замрзнат процес на интеграција значи замрзната инвестиција и иднина“,
вели претседателката.
Сиљановска-Давкова, како што се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет, констатирала дека земјите од регионот поединечно имаат ограничени капацитети, но преку заедничко дејствување може да станат вреден европски партнер.
„Заедничката инфраструктура создава заемни интереси и меѓузависност на државите, што, пак, влијае врз намалувањето на ризикот од конфликти и поголемата отпорност на трети страни“,
додала таа.
Наместо концентрирана енергетска зависност, за Сиљановска-Давкова потребна е диверзификација преку нови и алтернативни енергетски коридори и поврзување со различни извори, вклучително и од Западен Балкан и Каспискиот Регион.
Во обраќањето претседателката укажала дека зелената транзиција и енергетската безбедност се дел од ист стратешки проект и дека обновливите извори на енергија се клучни за поголема независност и стабилност.
Како што е наведено во соопштението, со тркалезната маса претседавале премиерите на Хрватска и Норвешка, Андреј Пленковиќ и Јонас Гар Шторе. Во дискусијата учествувале заменик-претседателот на Турција, премиерите на Белгија, Канада, Грузија, Словачка, генералниот секретар на ОБСЕ, како и претседателката на Европската комисија.
Од кабинетот на претседателката велат дека таа денеска учествувала и на панел-дискусијата организирана од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, а која била во рамките на активностите на Европската коалиција против дрогата (ECAD).
Сиљановска-Давкова во своето обраќање посочила дека Западен Балкан претставува транзитна зона за трговијата со дрога, нагласувајќи ја сериозноста на овој предизвик и опасноста од влијание на таканаречените „трети актери“.
Таа посочила дека не смее да се потцени растечката улога на наркоструктурите во економијата, политиката и општеството. Предупредила дека криминалните мрежи стекнуваат моќ да влијаат врз партиските и политичките процеси и институции.
„Неопходно е Европската Унија да ја преиспита својата политика на проширување низ призма на Западен Балкан, имајќи ја предвид безбедносната димензија“,
истакнала Сиљановска-Давкова.
Претседателката потенцирала дека интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ може да биде добар пример на превентивна, наместо реактивна европска политика. Според неа, опасно е тоа што во трговијата со дрога се именува како „modus operandi“ да прерасне во „modus vivendi“.
Сиљановска-Давкова, како што се додава во соопштението, на крајот потсетила дека европската политичка и безбедносна архитектура е неразделна од балканската.
