Како што соопшти Обвинителството на претходното рочиште минатата недела, вештото лице треба да одговори на сите дополнителни прашања кои произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење
Со сослушување на вешто лице од Институтот за судска медицина во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Како што соопшти Обвинителството на претходното рочиште минатата недела, вештото лице треба да одговори на сите дополнителни прашања кои произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење.
Имено, по сослушувањето сведоци предложени од Обвинителството, судењето на минатото рочиште влезе во нова фаза, односно тимот обвинители почна со изведување на материјалните докази, а први беа изведени наодите од обдукцијата на телата на починатите жртви во „Пулс“.
Според наодите, најголем дел од загинатите починале од насилна смрт со труење со јаглерод моноксид. Четири од жртвите, според обдукциските протоколи што ги презентира Обвинителството, починале од притисок врз градниот кош, додека тројца го загубиле животот како резултат на недостаток на воздух и кислород во околната средина.
Обдукцијата на три од жртвите кои починале во текот на лекувањето, исто така, констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.
Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, за кој рече оти содржи одговори на прашања колкаво присуство во крв е смртоносно и колку брзо настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколку биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.

На дополнителните прашања денеска се очекува да одговори вештото лице од Судска медицина, меѓу кои и она на кое родителите на загинатите подолг период бараат одговор – дали токсиколошките анализи покажуваат присуство на водороден цијанид.
Инаку, на денешното рочиште, доколку се обезбеди, предвидено е исказ да даде еден од сведоците што не се појавија претходно.
Обвинителството ги изведе и доказите за повредите на сите оштетени во пожарот во „Пулс“. Обвинителите ги објаснија повредите тргнувајќи од најтешките до лесните телесни повреди.
Според наодите на медицинските установи каде што се лекувале повредените, обвинителката Наташа Сарамандова наведе дека се констатирани тешки телесни повреди, изгореници на глава, тело, раце, нозе, внатрешни повреди, нагмечувања на градниот кош, скршеници, оштетувања на дишните патишта и други повреди. Кај речиси сите од тешко повредените се констатирани површински и длабоки изгореници. Овие повреди, изгореници, кај некои од повредените зафаќале и над 20 отсто од телото.
Според доказниот материјал, во пожарот со тешки телесни повреди се здобиле околу 160 лица, од кои 20 се деца.
Лесни телесни повреди биле констатирани кај 65 од присутните во „Пулс“ на 16 март минатата година.
Кај полесно повредените, како што наведе Обвинителството, има три деца.
Пред почетокот на претходното рочиште одбраната на првообвинетиот на Дејан Јованов-Деко повторно побара Судот да му ја замени мерката притвор со куќен притвор, на што жестоко негодуваа родителите на младите загинати во „Пулс“.
Обвинителството даде негативно мислење за замена на мерката за обезбедување присуство, објаснувајќи дека дополнително ќе се произнесе по ова прашање бидејќи во меѓувреме стигнала нова медицинска документација од одбраната.
Револт кај родителите предизвикаа наводите на дел од одбраната на обвинетите дека кај дел од починатите имало присуство на алкохол, дрога кокаин и други психотропни супстанци.
„Нашите деца не починаа од консумација на алкохол и дрога. Причината за смрт, согласно досегашните наоди се поврзани со вдишување на чад, токсични гасови и услови кои довеле до задушување и тешка интоксикација. Бараме ваквите тврдења да бидат поткрепени со токсиколошки анализи или да се повлечат, како и судот да реагира на непроверени информации”,
рече Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова и претседател на Здружението „16 Март Кочани”.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Обвинети се 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес на 19 ноември лани сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
