Она што го гледаме сега во Македонија е загрижувачко, но поуката што треба ја извлечеме е дека сѐ до пронаоѓање на делотворна вакцина не смееме да се опуштиме, вели Фабио Скано од СЗО за Европа, кој денеска во Скопје одржа прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче.

Тој потенцира дека дејствата што ќе се преземат во деновите, неделите и месеците што претстојат ќе бидат критично важни за спречување на појавата на нови случаи и за спасување на човечки животи.
Скано рече дека во земјава доаѓа за да работи заедно со локалните институции на одредени аспекти на одговорот на ковид-19 и подобро да се запознае со состојбата тука и ефектите од мерките што тука се преземени. Тој, презентирајќи ги согледувањата на СЗО рече дека нашата земја на самиот почеток на епидемијата била еден од најдобрите примери за одговор и дека сега треба повторно да се врати на оваа патека.
„Одговорот на Владата беше силен, агилен и навремен. Импресиониран сум од посветеноста на лекарите, на здравствените работници и на сите институција за заштита на граѓаните. Ставањето на структурите за одговор се случи рано уште пред првиот случај. Почна со силен капацитет на тестирање за идентификација на случаите уште од стартот на пандемијата, агилно пренаменување на капацитетите за згрижување на болните и рани мерки за заштите на постарите лица во старските домови, што спречи голем број смртни случаи, нешто што не беше случај во други земји. Имаме целосно разбирање дека социо -економските последици од мерките предизвикуваат загриженост бидејќи влијаат врз животот и егзистенцијата на луѓето. Сметаме дека одговорот треба да биде поизнијансиран, а степенот на мерките сразмерен на пренесување на болеста. Повторната појава на зголемен број случаи е нешто што може да се изменаџира и затоа во иднина сите напори треба да бидат насочени кон ваквите појави. Ова ќе биде можно само доколку власта и граѓаните си помогнат едни на други“,
рече Скано.
Она што треба да ја врати земјата на патеката на самиот почеток на епидемијата кога беше еден од најдобрите примери за одговор на ковид според Скано е тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање. Тој порача дека граѓаните и Владата треба да соработуваат и да не се дозволи да дојде до експлозивност на состојбата, која ќе бара повторно воведување на мерки.
Скано: Не треба да се споредувате со други држави во стапката на смртност

Министерот Филипче рече дека во моментов нашата земја е соочена со бран на вирусот посилен од првиот како последица на олеснување на рестрикциите, но повеќе како последица на една серија настани, семејни собири и прослави на кои не се почитуваа препорачаните мерки.
Оцени дека нашиот здравствен систем во овој момент е целосно приспособен кон новата состојба, секојдневно ја следат состојбата на болничките капацитети, на медицинскиот кадар и на дневна основа по потреба се прават и приспособувања за да се одговори на овој предизвик.
„Но, тоа што е најважно е поддршката од граѓаните, целосното почитување на мерките и солидарноста. Ако ова го имаме многу брзо ќе ја надминеме оваа состојба“,
рече Филипче.
Како стратегиски партнер во оваа битка, тој ја спомена и СЗО преку консултации, препораки и донации.
