Од Министерството за транспорт посочуваат дека унгарскиот производител на автобуси „Електробус-Икарус” и австриската компанија ЕВН, кои се избрани како најповолни понудувачи, ги исполниле сите услови предвидени во јавната набавка и понудиле најниска цена од 19 350 000 денари или околу 314 000 евра по автобус
Заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус-Икарус“ и на австриска ЕВН е избрана за најповолна на јавниот повик за набавка на 150 електрични екоавтобуси и 75 полначи – објави Министерството за транспорт.

„По направената евалуација, комисијата составена од стручни лица утврди дека од вкупно четири понуди, три економски оператори не ги исполнуваат условите од јавниот повик и врз основа на поднесените понуди направи прелиминарен избор и поднесе предлог за избор за најповолен понудувач“,
соопштија денеска од Транспорт.
Од ресорното министерство посочуваат дека унгарскиот производител на автобуси „Електробус-Икарус” и австриската компанија ЕВН, кои се избрани како најповолни понудувачи, ги исполниле сите услови предвидени во јавната набавка и понудиле најниска цена од 19 350 000 денари или околу 314 000 евра по автобус, што, како што додаваат оттаму, е исклучително конкурентна цена на пазарот на електрични автобуси.
Компанијата „Икарус“ треба да ги достави електричните автобуси, а компанија ЕВН станиците за полнење.
Првите 30 автобуси и 15 станици за полнење компаниите треба да ги испорачаат не подолго од шест месеци од денот на склучување на договорот. Понатаму, треба да испорачаат 60 електрични автобуси и 30 станици за полнење во рок не подолг од дванаесет месеци од денот на склучување на договорот и уште 60 автобуси и 30 станици за полнење не подолго од осумнаесет месеци од склучувањето на договорот.
„Според техничките карактеристики, електричните автобуси треба да бидат со најмалку максимална моќност од 300 киловати, со капацитет од најмалку 66 патници, автоматски регулиран клима уред за ладење/греење. Избраниот економскиот оператор има обврска да врши тековно одржување и поправката на сите настанати технички неисправности и да обезбеди резервни делови во следните 10 години од денот на стапување на возилата во употреба. Автобусите треба да бидат одобрени согласно Европската директива 2018/858“,
наведуваат од Министерството за транспорт.
Јавниот повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи беше објавен во февруари годинава.
