„Факт е дека со потврда за одземени предмети се одземени 2 000 евра. Друго е прашањето што во однос на тие 2 000 евра таа сакала да ги врати, но тоа сега не е важно. Но, она што ви е прашањето дека другите обвинети реагираат дека со тоа буквално и тие ќе бидат осудени затоа што таа дала признание, тоа е работа на којашто треба да размислуваат нивните бранители“, рече нејзиниот бранител, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, по денешното рочиште
Помладата соработничка во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Јасмина Костадинова призна вина дека зела мито од 2 000 евра во врска со злоупотреби на ИПАРД-програмата, на денешниот почеток на судскиот процес за предметот.

Костадинова е една од деветтемина обвинети што требало да помогнат во шемата фирма која не ги исполнувала условите да земе пари од ИПАРД-фондовите, односно од механизмот на Европската Унија за поддршка на македонското земјоделство.
Нејзиниот адвокат Ѕвонко Давидовиќ пред почетокот на судењето кажа дека таа ќе признае вина, по што главната расправа беше прекината, а нејзината постапка се раздвои. Адвокатите на другите осум обвинети негодуваа зошто денешното рочиште е прекинато, пред тие и нивните клиенти да се изјаснат по прашањето за вина, пренесе телевизијата Телма.
Обвинителката штого застапува предметот, Наташа Поп Трајкова, вели дека врз основа на едно признание на вина не може да се заснова една пресуда, туку тоа е само една коцка во мозаикот.
„Само врз основа на едно признание на вина и Обвинителството се согласува дека не може да се заснова една пресуда. Меѓутоа едно признание на вина дадено од страна на обвинетиот во корелација со сите други докази коишто Обвинителството ќе ги изведува во текот на наредните главни расправи ќе биде само една коцка во мозаикот“,
рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.

Инаку, Костадинова призна дека зела мито од 2 000 евра, но бара да ѝ бидат вратени назад 6 000 евра бидејќи при претресот полицијата ѝ запленила вкупно 8 000.
Нејзиниот бранител, адвокатот Давидовиќ, рече оти е факт дека со потврда на неговата клиентка ѝ се одземени 2 000 евра, колку што било митото, додека во врска со реакцијата на другите обвинети, во изјава за медиумите, по рочиштето, додаде дека тоа е работа за која ќе треба да размислуваат нивните адвокати.
„Факт е дека со потврда за одземени предмети се одземени 2 000 евра. Друго е прашањето што во однос на тие 2 000 евра таа сакала да ги врати, но тоа сега не е важно. Но, она што ви е прашањето дека другите обвинети реагираат дека со тоа буквално и тие ќе бидат осудени затоа што таа дала признание, тоа е работа на којашто треба да размислуваат нивните бранители“,
рече Давидовиќ.
Обвинителството на првото рочиште побара од Кривичен да има предвид дека се работи за европски пари кога ќе одлучува за казната на Костадинова.
„Да не заборавиме ова се пари на европските даночни обврзници, меѓутоа треба да се има предвид дека дел од овие фондови се и државни фондови, На крајот на денот, во прашање не се само фондовите на европските даночни обврзници, туку во прашање е кредибилитетот на државата пред Европската Унија“,
рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.
Од друга страна, за адвокатот на Костадинова тоа не претставува отежнувачка околност.
„Треба да се цениме самите себе, па и нашите пари да се вредни како европските. Не може да фаворизирате туѓи пари, а своите пари да не ги почитувате и цените. Јас не реков дека не се важни“,
рече Ѕвонко Давидовиќ во изјава што ја пренесе Телма.

Инаку, меѓу обвинетите во предметот е и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев. Првообвинет, пак, е Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски.
Според Обвинителството, тој како директор на фирмата „Сигнас-Арго“ од струшко Велешта, се товари дека им дал 5 000 евра на тројца луѓе да влијаат на Стоилев кој требало да добие 50 000 евра за да стави потпис на проектот на фирмата за да добие пари од програмата ИПАРД 3. Полицијата, според обвинението, го фатила Стоилев со првите 400 евра дадени на рака.
По откривањето на случајот, Европската комисија ја стопира исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД-програмата кои требаше да легнат на сметката на државата до крајот на јануари годинава. Пред два дена ресорното Министерството информира дека конечно парите се одблокирани.
Инаку, обвинетата Костадинова, која денеска призна вина, се брани од домашен притвор, а пресудата ќе ја слушне в понеделник. За другите процесот продолжува на 11 мај.
