Додека поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, е во 30-дневен притвор, истрагата се фокусира на договорот за изградба на западната трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид вреден 3,3 милиони евра и авансната исплата од околу 660 илјади евра извршена без банкарска гаранција. Од Општина Охрид велат дека не биле вклучени во финансиските постапки, додека новото раководство на ФФМ обелоденува индиции за слични „шеми“ и во проект за изградба на трибина на стадионот во Кичево
Навршуваат првите седум од вкупно 30 дена притвор кои му беа одредени на доскорашниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини.
„Не можевме да знаеме што точно се случува и дали се случува во постапки во кои ние директно не сме учествувале како општина“,
вели Кирил Пецаков – градоначалник на Општина Охрид.
Додека обвинителството ја истражува позадината на изградбата на трибина на стадионот во Охрид, за што Сејдини се товари дека ја злоупотребил службената положба, од ФФМ велат – имало и други такви обиди.
„Постапката речиси ќе беше пресликана во Кичево, доколку сегашното раководство на ФФМ не го стопираше т.н. проект за изградба на трибина на стадионот во Кичево“,
вели Златко Андоновски – портпарол на ФФМ .
„360 степени“ тропна на вратата на сите инволвирани во потрага по повеќе информации – за што точно се сомничи Муамед Сејдини во случајот што ја потресе „куќата на фудбалот“.
Хронологија и анализа
Во декември 2024 година беше означен почетокот на изградбата на нова западна трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. На настанот меѓу присутните беа и тогашниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Западната трибина во градба на стадионот во Охрид / Фото: „360 степени“
Деновиве, пак, на стадионот бевме само со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Муамед Сејдини е во притвор.
Пецаков вели дека кога почнувала изградбата ништо не навестувало можна проневера.
„Почетокот на изградбата беше најавен, што за мене беше гордост. Затоа што, при договорот за донацијата за изградба на оваа трибина од УЕФА и ФФМ и соработката со Општина Охрид, требаше да претставува заокружен стадион со трибини. Односно, стадион што ќе има капацитет вклучувајќи ги и трибините позади головите од околу осум и пол илјади гледачи. Нормално осветлување и хибридна трева што би претставувало стадион со А-лиценца и можност за репрезентацијата да може да настапува надвор од Скопје. Така што, она што го започнавме како општина за на крај да добиеме, нормално со наша инвестиција од дополнителни шест до осум милиони евра во наредните две до три години, беше целта да имаме заокружен стадион. Така што, не можевме да знаеме што точно се случува и дали се случува во постапки во кои ние директно не сме учествувале како општина“,
вели Пецаков.
Кирил Пецаков – градоначалник на Општина Охрид / Фото: „360 степени“
Сликовито, Пецаков објаснува дека во септември 2021 година пуштена е во употреба источната трибина, како заедничка инвестиција на Општината и ФФМ. Оваа, чија изградба е во тек и за која е осомничен Сејдини, е западната. Во иднина, со инвестиција на општината, како што најави Пецаков, треба да се изградат северна и јужна трибина. Со тоа стадионот би бил целосен.
Средствата за изградба на новата трибина, ФФМ ги обезбедила од Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) преку програмата „Хет трик 6“ за ревитализација на спортски терени и инфраструктура.
Во ФФМ велат дека, откако добил одобрение од Управниот одбор, тогашниот претседател Сејдини побарал понуди од три фирми. За најдобра била избрана онаа на компанијата „Енергоинвест трејд“, која требало да ја изгради трибината за 3,3 милиони евра.
Седиштето на ФФМ во Скопје / Фото: „360 степени“
„Симптопатично во целата оваа ситуација е тоа што во рок од само една седмица, седум дена, ФФМ праќа повик за добивање понуди, истите експресно се доставени во ФФМ, веднаш е направена евалуација и избран е изведувач, односно ‘Енергоинвест’, на комитет за итност. Целата таа постапка за изградба на трибина во Охрид, со цел проект, е направена во нецели седум дена. Целиот процес е направен кога е јасно дека Масар Омерагиќ станува претседател на ФФМ, односно нецел месец до изборното собрание на ФФМ по поднесената оставка на Муамед Сејдини“,
смета Златко Андоновски – портпарол на ФФМ .
Но, иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, Сејдини, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор за авансна исплата на 20 отсто од вкупната вредност или околу 660 илјади евра, без обезбедена банкарска гаранција.
По ваквите наоди, ФФМ се решила за поведување дисциплинска постапка и на почетокот на февруари годинава изрекла дисциплинска мерка за својот поранешен претседател, кој е и делегат на Собранието на Федерацијата – забрана за вршење функција во траење од две години.
Златко Андоновски – портпарил на ФФМ / Фото: „360 степени“
„Немал право тогашниот претседател за вметнување услов за исплата на аванс во договорот со ‘Енергоинвест’ што е спротивно на прифатената понуда и со таа постапка го измамил и го довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и е нанесена сериозна материјална штета на куќата на фудбалот“,
додава Андоновски.
По ова, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага, а полицијата го уапси Сејдини минатата недела, на 23 април.
„Поради основано сомнение дека сторил кривично дело – проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, во периодот од ноември до декември 2024 година, како службено лице, претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист“,
соопшти ОЈО Скопје.
Ден потоа, на барање на Обвинителството, Кривичниот суд му определи мерка притвор на осомничениот Сејдини во траење од 30 дена.
Покрај сè, од „куќата на фудбалот“ велат дека не се откажуваат од идната трибина.
Според ФФМ, нова трибина на стадионот ‘Билјанини извори’ во Охрид сепак ќе биде изградена. На терен забележливо е дека повторно е активна градежна механизација, но овојпат изведувач е друга компанија.
На старата информативна табла крај стадионот, на местото предвидено за изведувач, стоеше името на компанијата „Енергоинвест трејд“. Сега е залепено името на компанијата „Проминг ДООЕЛ“.
„Раскинат е договорот со ‘Енергоинвест’. Надзорот на стадионот и Општина Охрид како коинвеститор потврдија дека ‘Енергоинвест’ не е воведен во работите согласно временската рамка што е во договорот. ФФМ со нов повик избра нов изведувач кој веднаш започна со работа и кој фактурира по завршена времена ситуација, без авансни уплати“,
вели Златко Андоновски – портпарол на ФФМ .
ФФМ: Сличен случај
Во ФФМ имаат индиции дека истата постапка како во Охрид ќе била пресликана и со проект за изградба на трибина на стадионот во Кичево. И таму требало да гради компанијата „Енергоинвест“, но сегашното раководство го раскинало договорот. Во овој случај, ФФМ исплатила аванс од околу половина милион евра, но со банкарска гаранција, па така средствата се вратени во буџетот на Федерацијата.
Стадионот во Кичево / Фото: „360 степени“
„Во овој случај спорно е тоа што се исплатени близу 50 илјади евра за времена ситуација, односно за испумпување на подземна вода, а подоцна за истата таа работа се фактурирани дополнителни близу 125 илјади евра како втора и трета времена ситуација кои, се разбира не се исплатени од сегашното раководство, од едноставна причина што геомеханичките испитувања кои сегашното раководство на ФФМ ги побара, потврдуваат дека таму не е регистрирана појава на ниво на подземна вода. Тие се ситуациите што речиси се пресликуваат во начинот на којшто, условно, се испумпуваат средства од ФФМ – Охрид и Кичево“,
смета тој.
Во Федерацијата велат дека теоретски е возможно во иднина УЕФА добро да размисли дали и како ќе финансира проекти во Македонија. Потенцираат дека сега многу повеќе се внимава на начинот на трошење на средствата од УЕФА.
Андоновски: Секоја ситуација се документира, се преведува и се праќа во УЕФА. УЕФА согласно тоа, дава насоки дали е во ред и се продолжува понатаму.
360°: Имаше некаква реакција на УЕФА?
Андоновски: Тоа е сепак интерна, внатрешна работа на ФФМ.
360°: Ви потенцираа или посочија на нешто, можете да споделите било што, загриженост некаква?
Андоновски: Се разбира дека и посочија и потенцираат.
Според информации на „360 степени“, правен застапник на Сејдини е адвокатот од Кичево, Шкодран Алили. Двапати се јавивме во неговата адвокатска канцеларија, но иако ни ветија, не успеавме да разговараме со него. Не одговори ниту на поканата по вибер-пораки да ја презентира страната на својот клиент.
Од компанијата „Енергоинвест“, пак, за „360 степени“ велат дека и досега работеле на проекти за време на претходни раководства на ФФМ и сите биле целосно, успешно и навремено реализирани.
„Еден од тие проекти, меѓу другите, е и постоечката нова трибина на стадионот ‘Билјанини извори’ во Охрид, која е во функција на ФФМ и е во употреба веќе неколку години. Во врска со статијата на која работите, Ве информираме дека Договорот за изградба на трибина на стадионот ‘Билјанини извори’ во Охрид беше потпишан помеѓу нашата компанија и ФФМ врз основа на економски најповолна понуда и целосно согласно позитивната законска регулатива“,
велат од „Енергоинвест трејд“.
Односот кон спортот
Стадионот во Охрид е дел од спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ во кој има и спортската сала и со години недовршен затворен базен – како слика за односот кон спортот во земјава.
Градоначалникот Пецаков вели дека известициите во „Билјанини извори“ треба да продолжат за центарот да ги добие потребните услови.
„Место каде што би се подготвувале како многу екипи, така и национални тимови поврзани со Македонија пред сè поради одличните услови како надморската висина кои Охрид како град ги нуди. Така што, вложувањата во овој спортско-рекреативен центар ќе продолжат и очекувам дека за четири години ќе има доста нови содржини што ќе го сменат вкупниот изглед и перцепцијата за она што треба да претставува спортско-рекреативниот центар“,
смета градоначалникот Пецаков.
Дотогаш, посетителите на стадионот во Охрид наместо во нова трибина, ќе продолжат да гледаат во багерите и арматурата, надевајќи се дека овојпат таа ќе биде изградена врз поздрави темели.