Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со мониторингот на изборното медиумско претставување на првиот ден од кампањата за предвремените парламентарни избори 2020 година, констатирала дека повеќе телевизии, спротивно на член 76 став 3 од Изборниот законик, емитувале платено политичко рекламирање во кое учествуваат малолетници.
Од Агенцијата, во денешното соопштение, потсетуваат дека за содржината на платеното политичко рекламирање одговорноста е кај нарачателите, но радиодифузерите се одговорни за законитоста на неговото емитување. Оттаму, апелираат во соопштението, радиодифузерите веднаш да престанат да ги емитуваат овие спотови, а учесниците во изборната кампања да го усогласат нивното платено политичко рекламирање со законите.
„Радиодифузерите имаат уредничка одговорност за секоја одлука да емитуваат некоја содржина на нивниот програмски сервис. Затоа треба внимателно да ги прегледуваат сите содржини и да одбијат да ги емитуваат оние со коишто се прекршува не само Изборниот законик, туку и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова особено се однесува на посебните забрани од членот 48, во кои спаѓаат и поттикнувањето и ширењето дискриминација, нетрпеливост и омраза врз која било забранета дискриминаторска основа“,
соопштија од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Вчера и првата детска амбасада „Меѓаши“ ја осуди политичката злоупотреба на деца за медиумски кампањи, реагирајќи по пријава поднесена за рекламен спот на ДУИ, објавен на социјалните мрежи пред две недели, во кој како што велат, децата се претставени како главен мотиватор за политички одлуки што не ги разбираат.
