Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство рече дека со контролата за користењето на средствата од програмата ИПАРД е утврдено дека нема неправилности во самите постапки, по што ги повика земјоделците да продолжат да аплицираат за средства од ИПАРД, да инвестираат и да го развиваат своето земјоделско производство
Средствата од програмата ИПАРД се повторно достапни – објави денеска на вонредна прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски откако во ноември лани Министерството за финансии времено ги стопира исплатите по корупцискиот скандал поврзан со распределба на ИПАРД средствата, во кој беше уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка.

„Денес пристигна официјално известување од страна на Европската комисија, од Генерален директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД повторно се достапни на располагање за македонските земјоделци. Брисел никогаш не ги блокира средствата, но во моментот кога излезе случајот со злоупотреба од страна на претходниот директор на Платежната агенција, се активираше националниот механизам и го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола и да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД-фондовите. Следеше темелна проверка од ИПА-структурата, по што се достави сеопфатна информација до европските институции согласно воспоставените процедури“,
изјави на денешната прес-конференција министерот за земјоделство.
Трипуновски рече дека со контролата за користење на средствата од програмата ИПАРД е утврдено дека нема неправилности во самите постапки, по што ги повика земјоделците да продолжат да аплицираат за средства од ИПАРД, да инвестираат и да го развиваат своето земјоделско производство.
„Со ова ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД-средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка. Но, денеска, по којзнае кој пат нивните лаги паѓаат повторно во вода, вистината излезе на виделина“,
рече Трипуновски.
