Платформата, како што се додава, содржела детална база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на клиенти и продавачи, при што биле евидентирани над 2 600 кориснички сметки и над 1 500 сметки на продавачи. Вкупната продажна вредност на артиклите надминувала 500 000 американски долари

Две лица од тетовска Голема Речица се приведени поради сомнение дека биле администратори на нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), онлајн пазарот бил активен од јули 2023 година и функционирал преку повеќе интернет-домени.
Платформата, како што се додава, содржела детална база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на клиенти и продавачи, при што биле евидентирани над 2 600 кориснички сметки и над 1 500 сметки на продавачи. Вкупната продажна вредност на артиклите надминувала 500 000 американски долари.
По издадена судска наредба од тетовскиот Основен суд, бил извршен претрес во селото Голема Речица кај осомничените, 20-годишниот А. Е. и 23-годишниот А. И., за кои постојат сомневања дека се администратори на онлајн пазарот. При претресот тие биле затекнати на лице место во вршење на кривичното дело за кое се сомничат и при тоа се одземени десктоп и лаптоп компјутери и телефони за кои од МВР велат дека ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и ќе послужат како доказ во кривичната постапка.
Акцијата, велат од МВР, е спроведена по информации добиени од американското Федерално биро за истраги (ФБИ).
Од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со преземање мерки и активности за целосно расчистување на случајот, во насока на идентификација на сите инволвирани лица и обезбедување релевантни докази, согласно важечките законски прописи.
