„Со Бугарија односите се предизвикувачки, но нашиот пристап останува конструктивен и принципиелен. Подготвени сме за дијалог во добра верба. Но, исто така, должни сме да кажеме дека европскиот процес мора да се темели на критериуми“, рече, меѓу другото, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи на која се осврна на надворешната политика на земјава во изминатите две години
Европската интеграција останува централна оска на нашата надворешна политика. Европската Унија не смее да биде само далечна политичка цел, туку процес што уште денес носи конкретни придобивки за граѓаните – порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи на која се осврна на надворешната политика на земјава во изминатите две години.
Муцунски рече дека во политичките разговори со европските институции и со земјите членки во изминатиот период, меѓу другото, била афирмирана реформската агенда и бил побаран фер, предвидлив и меритократски пристап кон пристапувањето на земјава кон Европската Унија со порака дека земјава сака да напредува врз основа на резултати, а не на политички условувања кои се менуваат од година во година.

„Сакаме европски критериуми, правила и предвидливост. Тоа не е барање за попуст. Тоа е барање за правда“,
рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата во овој контекст укажа и на стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, а токму надворешната политика, како што рече, останува една од највисоко оценетите области во извештаите на Европската комисија.
„Склучивме два значајни договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, договор за стратешка соработка со Унгарија, а набргу се очекува склучување ваков договор и со Хрватска“,
рече Муцунски додавајќи дека наскоро ќе отпатува на разговори во Загреб, по што се очекува хрватскиот премиер да дојде во земјава и да го потпише стратешкиот договор.
Во однос на стратешкото партнерство со САД, Муцунски рече дека средбите со американската администрација, вклучително и со државниот секретар Марко Рубио, се потврда за заемната определба за реактивирање и продлабочување на стратешкиот дијалог. Партнерството со САД, како што додаде тој, не е само политичко, туку и безбедносно, економско и граѓанско партнерство.

Членството во НАТО-алијансата, порача министерот за надворешни работи, останува еден од столбовите на националната безбедност. Во оваа смисла, тој рече дека издвојувањето на 2 отсто од БДП за одбрана не е затоа што некој ни наредил, туку поради инвестиција во безбедноста на државата. Со оглед на тоа што Западен Балкан останува регион во кој стабилноста не смее да се земе здраво за готово, Муцунски вели дека позицијата на С Македонија во НАТО е важна не само за нас, туку и за соседството и за пошироката евроатлантска безбедност.
Зборувајќи за регионалната соработка и односите со соседите, Муцунски вели:
„Со Грција бележиме позитивна динамика во економијата, енергетиката и инфраструктурата. Гасната интерконекција, Коридорот 10, нафтоводот Солун – Скопје, граничниот премин ‘Маркова Нога’, се проекти што создаваат реални придобивки за реални луѓе.“
Со Бугарија односите се предизвикувачки, но нашиот пристап останува конструктивен и принципиелен. Подготвени сме за дијалог во добра верба. Но, исто така, должни сме да кажеме дека европскиот процес мора да се темели на критериуми, а не на билатерализација. Коридорот 8 и железничкото поврзување се проекти од стратешко значење – не само за нас и за Бугарија, туку за целиот регион, за НАТО и за Европа.
Со сите наши партнери – Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Романија, Турција и другите, работиме на продлабочување на политичката, економската и на инфраструктурната соработка“.
Одговарајќи на прашања од пратениците за време на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи, Муцунски рече дека целосно ја поддржува изјавата на премиерот дека државата не може да биде подготвена да прави уставни измени без јасни гаранции на нејзиниот европски пат.
