Како клучно за постигнатиот успех, министерот за одбрана Владо Мисајловски го посочи професионализмот на македонските војници, но и модернизацијата на македонската Армија – процес кој, како што рече, овозможил на денешната вежба да се видат новите зајакнати капацитети на Армијата
Македонските војници работат согласно највисоките НАТО-стандарди – изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски по теренската вежба „Блесок 26“ на армискиот полигон „Криволак“.
Мисајловски рече дека процесот на НАТО-оценувањето, кој траел во тековниот месец, докажал дека припадниците на лесната пешадиска баталјонска група и сите други единици што служеле како поддршка во рамки на оценувањето, се способни за реализацијата на мисијата, односно борбено подготвени.

„Бевме сведоци на она што ние како раководство постојано го говориме, а тоа е фактот дека нашите македонски војници работат согласност највисоките НАТО-стандарди покажувајќи дека нивната извонредност не е цел што треба да ја достигнеме, туку е реалност. Им честитам на сите армиски припадници вклучени во организацијата и реализацијата на оваа вежба. Навистина комплексна задача имајќи предвид дека над 1 500 армиски припадници работеа на фиктивно сценарио со 25 настани и над 100 инциденти. Вашата посветеност беше видлива и денеска и при реализацијата на вежбата која завршува со целосен успех“,
рече Мисајловски и додаде дека се гордее што е министер на ваква Армија.
Министерот додаде дека во ниту еден момент не се сомневал во оценката што ја доби лесната пешадиска баталјонска група и посочи дека најголем успех доаѓа од тимот на мониторингот на НАТО, кој го заверил финалниот извештај од оценувањето, реализирано согласно 799 критериуми, по највисоките НАТО-стандарди.
Како клучно запостигнатиот успех, Мисајловски го посочи професионализмот на македонските војници, но и модернизацијата на македонската Армија – процес кој, како што рече, овозможил на денешната вежба да се видат новите зајакнати капацитети на Армијата.
„Не застануваме тука. Продолжуваме со силните инвестиции во Армијата затоа што безбедноста за нас е пред сè. Продолжуваме со набавките на нова опрема, со обуките и вежбите и со грижата за секој армиски припадник зашто нивната мотивираност и посветеност се клучните состојки за силна Армија. Во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, да се има Армија која е способна да биде гарант на безбедноста на државата и истовремено способна да дејствува како едно со армиите на сојузничките земји е чест и задоволство“,
порача Мисајловски.
