На прашање дали ќе излезат да гласаат, 45,5 отсто од испитаниците одговориле потврдно, додека епидемијата не е пречка за 36,1 отсто од испитаниците да излезат на избирачките места
Над 45 отсто од гласачите во земјава се подготвени да излезат на избирачките места на 15 јули, според најновата анкета на агенцијата „М – Проспект“, што вечерва ја презентира Телма, на самиот старт на кампањата за парламентарните избори, кои се одржуваат во услови на епидемија на коронавирусот.
На прашање дали ќе излезат да гласаат, 45,5 отсто од испитаниците одговориле дека целосно се согласуваат и ќе гласаат, додека 21,4 отсто одговориле дека донекаде се согласуваат, а 7 отсто донекаде не се согласуваат.

Дека ќе излезат на гласање се изјасниле 49,2 отсто од етничките Македонци и 36,7 отсто од Албанците во земјава. Разликата е уште помала кај оние што одлучиле дека нема да гласаат – 17,9 отсто од испитаниците Македонци и 15,9 отсто од испитаниците Албанци. Се уште немаат одговор односно не знаат дали ќе излезат да го дадат својот глас 7 отсто од испитаниците Македонци и 8,4 отсто од испитаниците Албанци.
Анкетата е на репрезентативен примерок од 1.003 испитаници и е спроведена телефонски во периодот од 16 до 21 јуни
Епидемијата на коронавирусот во земјава, ризикот и опасностите кои ги носи самиот изборен процес, не се пречка за 36,1 отсто од испитаниците да излезат да гласаат. На прашањето „Дали состојбата со коронавирусот ќе влијае на вашата одлука да излезете да гласате“, 22,5 отсто одговориле дека целосно ќе влијае а 26,9 отсто дека донекаде ќе влијае на нивната одлука да излезат и да гласаат. Кај 10,7 отсто одговорот е дека донекаде нема да влијае а 3,4 отсто од испитаниците одговориле со „не знам“.

Ако се погледне дистрибуцијата на одговорите по етничка припадност – кaј 39,6 отсто од Мaкедонците корона-кризата воопшто нема да влијае, а кај Албанците тој процент е 23. Целосно ќе влијае за 22,7 отсто кај Мaкедонците или за 21,79 кај Албанците.