Како што се вели во соопштението од Обвинителството, тие го убедиле осудениот дека имаат влијание кај судиите во Апелацискиот и во Врховниот суд, наплаќајќи му 500 евра и 60 000 денари за наводно посредување
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истражна постапка против две лица вработени во Основниот кривичен суд Скопје, судски полицаец и доставувач, кои се сомничат за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.

Според информациите од Обвинителството, во периодот од август 2025 година до 7 април 2026 година, осомничените примиле 500 евра и 60 000 денари од лице кое барало спас од затворска казна, а оштетениот, кој во случајот се јавува како сведок, бил првостепено осуден на една година затвор. Во обид да ја смени пресудата, тој преку свој сосед стапил во контакт со доставувачот, кој потоа го поврзал со судскиот полицаец.
Полицаецот се претставил како влијателно лице што долги години работи во судот и има мрежа на контакти со судии од сите инстанци и го убедил сведокот дека може да ургира првостепената пресуда да биде преиначена во ослободителна. Верувајќи во неговото влијание, во текот на 2025 година сведокот му предал 500 евра на доставувачот, со цел преку полицаецот да бидат предадени на судија од Апелацискиот суд Скопје.
Следната година, сведокот му исплатил и дополнителни 30 000 денари на судскиот полицаец како лична награда за посредувањето. Сепак, планот не успеал бидејќи Апелациониот суд ја потврдил затворската казна.
„Во текот на 2026 година, сведокот на осомничениот судски полицаец му исплатил 30 000 денари како награда за посредувањето. Откако Апелациониот суд Скопје ја потврдил првостепената пресуда, сведокот преку својот бранител поднел вонреден правен лек пред Врховниот суд на РСМ“,
велат од ОЈОГОКК.
Сведокот преку својот адвокат поднел вонреден правен лек до Врховниот суд, а на 7 април 2026 година, тој повторно му исплатил уште 30 000 денари на осомничениот полицаец, овојпат за наводно влијание врз врховните судии кои требало да одлучуваат по предметот.
Оценувајќи дека постојат законски услови, надлежниот јавен обвинител побарал мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата на претходна постапка делумно го прифатил предлогот, одредувајќи му 30-дневен притвор на судскиот полицаец, додека доставувачот добил мерка куќен притвор.
Од ОЈО ГОКК информираат дека предметниот обвинител е незадоволен од одлуката за куќниот притвор, поради што веќе доставил жалба до повисокиот суд.
