Од партијата го прозиваат актуелниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој претходно беше градоначалник на Кисела Вода, а се осврнуваат и на ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, кој, како што пренесоа медиумите, е инвеститорот на градбата за која се копале темели на локацијата каде што се случи несреќата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) попладнево соопшти дека бара детална истрага што ќе утврди одговорност за несреќата што се случи на градилиште во општина Кисела Вода, каде при одрон на земја еден работник загина, а тројца се повредени.

Од партијата го прозиваат актуелниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој претходно беше градоначалник на Кисела Вода, а се осврнуваат и на ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, кој, како што пренесоа медиумите, е инвеститорот на градбата за која се копале темели на локацијата каде што се случи несреќата.
„Денеска се случи уште една трагедија која не смее никако да се релативизира. Има загубен човечки живот, а работници се борат за живот затоа што системот не функционира. Инвеститорот, фирмата којашто ја градела зградата се поврзува со политички структури на ВМРО-ОКГ и Христијан Мицкоски, блиски до Орце Ѓорѓиевски, кој патем беше и градоначалник на Кисела Вода. Коневски беше и адвокат ангажиран од Орце Ѓорѓиевски. СДСМ бара детална истрага која ќе утврди одговорност на сите инволвирани од почеток до крај“,
се вели во партиското соопштение.
Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека Јавното обвинителство мора веднаш да ги обезбеди доказите пред да се направи каков било обид за нивна измена или прикривање.
„Како е дадена дозволата, односно одобрението за градба? Кој го контролирал градилиштето? Дали општината извршила инспекциски надзор? Дали безбедноста била проверена или само потпишана на хартија?“,
се прашањата на кои според СДСМ треба да одговори истрагата.
Претходно денеска, советничката група на СДСМ во Кисела Вода побара итна седница на Советот на Општината. Меѓу другото, побараа да бидат проверени сите издадени одобренија за градба на територијата на Општината, како и да се воведе мораториум на сите градежни активности сè додека не се утврди дека се безбедни и согласно законот.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, во објава на социјалните мрежи, изразувајќи сочувство до семејството на загинатиот работник и брзо закрепнување на повредените работници, упати апел случајот да не се политизира, а на надлежните институции да им се остави простор да си ја завршат работата и да ги утврдат околностите под кои се случила несреќата.
Несреќата, како што информираат од МВР, се случила утринава околу 8 часот на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје. Во неа еден градежен работник го загуби животот, а тројца беа извлечени и пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од Ургентниот центар информираа дека двајца од нив се полесно повредени, а третиот е со скршеници на двете потколеници и една натколеница.

Три часа по несреќата, како што објави телевизијата Телма, на Клиниката за трауматологија бил донесен и четврти работник. Според информациите од Клиниката, врз него биле извршени прегледи, кои првично покажале дека најверојатно станува збор за лесни телесни повреди.
Од Јавното обвинителство на РС Македонија соопштија дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на градилиштето во Општина Кисела Вода и издал наредба за обдукција на телото на починатиот работник.
Оттаму додадоа дека Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор се вклучени во испитувањето на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа.
