Стаменкоска-Трајкоска апелира случајот да не се политизира, а на надлежните институции да им се остави простор да си ја завршат работата и да ги утврдат околностите под кои утринава се случи несреќата на градилиштето во Кисела Вода
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, изрази длабоко жалење за градежниот работник што денеска го загуби животот на своето работно место, кога беше затрупан од земја. Таа изрази сочувство до семејството на загинатиот, а на повредените работници им посака брзо закрепнување.

Стаменкоска-Трајкоска апелира случајот да не се политизира, а на надлежните институции да им се остави простор да си ја завршат работата и да ги утврдат околностите под кои се случила несреќата.
„Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени. Ја разбираме загриженоста на јавноста, но апелираме на одговорност и воздржаност од изнесување непроверени информации и политизација на случајот. Ваквите ситуации бараат сериозен и институционален пристап, а не дневнополитички реакции. Надлежните институции постапуваат за утврдување на сите околности за настанот“,
порача градоначалничката на Кисела Вода.
Таа додава дека Општината останува отворена за соработка и дискусија со институциите и дека ќе постапи согласно сите наоди и препораки што ќе бидат издадени, за што јавноста ќе биде информирана.
Советничката група на СДСМ во Кисела Вода претходно побара итна седница на Советот. Меѓу другото, побараа да бидат проверени сите издадени одобренија за градба на територијата на Општината, како и да се воведе мораториум на сите градежни активности сè додека не се утврди дека истите се безбедни и согласно законот.
