Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Кисела Вода изрази сочувство до семејството на загинатиот работник и им посака брзо закрепнување на повредените, потенцирајќи дека трагедијата не смее да помине без одговорност
По трагедијата на градилиштето во Скопје, во која загина едно лице, а тројца се повредени, советничката група на опозицискиот СДСМ побара итна седница на Советот на Општина Кисела Вода.

Координаторката на советничката група Даниела Настова-Пиштолова рече дека СДСМ бара Советот на Кисела Вода да се донесе одлука за формирање независна стручна комисија која ќе изврши проверка на сите издадени одобренија за градба на територијата на општината, итно да се воведе мораториум на сите градежни активности сè додека не се утврди дека истите се безбедни и во согласност со законите, како и да се обезбеди целосна транспарентност преку јавно објавување на сите документи, дозволи и наоди поврзани со градбите.
„Бараме да се изврши проценка и доколку е потребно, евакуација на сите лица и објекти кои се наоѓаат во потенцијален ризик, да се преземат мерки за санација на последиците и да се обезбеди соодветна помош и поддршка за погодените. Ова не е прашање на политика, туку прашање на безбедност и човечки животи“,
рече Настова-Пиштолова во денешната изјава за медиумите.
Координаторката на советничката група на СДСМ во Кисела Вода изрази сочувство до семејството на загинатиот работник и им посака брзо закрепнување на повредените, потенцирајќи дека трагедијата не смее да помине без одговорност бидејќи отвора прашања за почитувањето на прописите и за улогата на институциите.
