Од ОЈО Скопје соопштија дека Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор се вклучени во испитувањето на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа на работниците на градилиштето
Основното јавно обвинителство Скопје информира дека е извршен увид на градилиштето во Општина Кисела Вода каде што утринава еден градежен работник загина, а тројца се здобија со повреди откако при ископ на темели на зграда биле затрупани со земја. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот работник.

„Дежурен јавен обвинител изврши увид на локација во Кисела Вода, каде што при одрон на градилиште еден работник го загуби животот, а тројца беа повредени. Обвинителот издаде наредба за обдукција на починатиот“,
соопштија денеска од ОЈО Скопје.
Од Обвинителството додаваат дека Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор се вклучени во испитувањето на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа.
Несреќата се случи утринава околу 8 часот на градилиште на улица „Козјак“ во Кисела Вода. Тројцата повредени, од кои двајца со полесни повреди, се пренесени на Ургентниот центар при скопскиот клинички центар.
