Повредените се пренесени на Ургентниот центар комплексот клиники „Мајка Тереза“. Двајца од нив се полесно повредени, а третиот е со скршеници на двете потколеници и една натколеница
Еден градежен работник загина, а тројца се повредени откако утринава беа затрупани со земја при ископ на градилиште во скопска Кисела Вода, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). Тројца работници се извлечени и се пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“.

„Денеска (24.4.2026) во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица ‘Козјак’ во Скопје, при ископ на темели, со земја има затрупани работници. Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итната медицинска помош во Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
соопштија од МВР.
Шефот на Итната медицинска помош во Скопје, доктор Драган Панов, во изјава за МИА вели дека според првичните информации работниците биле на возраст од 35 до 45 години. На местото на настанот се интервенирало со четири амбулантни возила, а работниците биле пренесени во Ургентниот центар.

Од Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ соопштија дека двајца од работниците се со полесни повреди и дека во тек се дијагностички процедури.
„Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените и продолжува нивниот медицински третман“,
соопштија претпладнево од Ургентниот центар.
Несреќата се случила утринава околу 8 часот на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје.
