Рудник за антимон во селото Крстов Дол има, но тој е напуштен. Нов, ниту според сликата на терен, ниту според дополнителните информации од Министерството за енергетика не е на повидок. Се уште траат истражувањата на теренот, по што ќе следат студии, па дури потоа евентуални инвестиции – процес за кој се потребни години
На прашањата кога и како би се вршел ископот на антимон, од компанијата „Пела глобал“ која е потписник на договорот за истражувања на критични минерали за „360 степени велат – „Крстов Дол“ се развива со силен фокус на транспарентност, управување со ризици и долгорочна одржливост. Не соопштија конкретни рокови и кога
Распослано на околу илјада метри надморска височина, во близина на границата со Србија, е сместено кривопаланечкото село Луке. Станува збор за областа Славиште, на 17 километри од градот. Според последниот попис, селото има околу двесте жители.

Пред маалската продавница затекнавме неколку староседелци. Велат дека се занимаваат со земјоделство и сточарство. Но, тоа не им е примарен извор на приходи.
„23 години имам во рудник Тораница. Осум години во рудник Благодат, Врање. Тоа е истиот дел поврзан со рудникот Крстов Дол, преку Караманица. Рудник Благодат, Врање, па Караманица, Плавило и Крстов Дол и доаѓа на Самар“,
вели Драги Цветковски, жител на с. Луке, Општина Крива Паланка.

Главното занимање на жителите е рударството. Пределот е познат по различни минерали по течението на Лучка река.
„Има. Беа вршени истраги кога ќе тргнеш овде еден километар покрај реката. Два километри покрај реката, лево и десно од реката по бреговите бушеа. –Што бараа? – Бушеа со плитко бушење по два метра длабочина, бушотини. Минираа, олово и цинк излезе на површина“,
додава Цветковски.

Ископи, велат доброупатените мештани, често се правени и за злато и за сребро. А, од неодамна се споменува и реткиот минерал антимон. За жителите на овој крај, антимонот не е новина. Дел се сеќаваат, а дел пак од раскажувањата на повозрасните, сведочат дека порано имало негова експлоатација.
„Антимон е за воена намена. Цевки кога се изработуваат, за топови да биде глатко. За тоа имам слушнато. – Има ли опасност од таков тип на руда? –Нема. Овде има рудари што живееле и по 90 години, нема опасност. – Што работеле во рудникот Крстов Дол кој е затворен сега? Вие се сеќавате кога работеше? – Да јас бев средно училиште, го затворија 1989 година“,
вели Блашко Димчевски, жител на с. Луке, Општина Крива Паланка.

„Стариот мој ми кажуваше, покоен е пред 10 години, тој ми кажуваше рудник „Крстов Дол“ – еден камион готвачи, бравари, копачи, рудари, земаа од еден камион антимон плата“,
се сеќава Цветковски.
Рудникот Крстов Дол за кој зборуваат жителите е во истоименото село, на само неколку километри од Луке. Се наоѓа на тромеѓето меѓу Македонија, Србија и Бугарија.

Рудникот Крстов Дол е затворен пред повеќе од четири децении. Но, на терен се уште се видливи остатоци од местото каде е вршена експлоатацијата на реткиот минерал антимон. Дали, кога и во колкави количини би се вршел повторно ископ на оваа руда – се дилемите кои се наметнаа во јавноста по најавите за повторно отворање на рудникот.
Најавата за отворање рудник за антимон првично стигна од премиерот Христијан Мицкоски. Тој го најави проектот како голема стратешка инвестиција.
„Редок минерал, нешто кое за нашата економија навистина може да значи многу. Таму истрагите се при крај и очекувам многу скоро да биде тоа започнато, ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома, САД. Така што, еден заокружен циклус“,
најави Мицкоски. (07.04.2026г.)

Еден ден подоцна и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека ресорната министерка Сања Божиновска во Вашингтон присуствувала на потпишувањето договор вреден пет милиони долари, наменети за истражување на критични минерали во Македонија.
Во кратко соопштение беше посочено дека: „Со овој договор се отвораат можностите за понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој, во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини“.

Но, во објавата немаше детали – кога рудникот би почнал со работа, дали договорот е само за антимон, дали веќе е издадена концесија за експлоатација или само истражувања, кој ќе биде ќарот за земјава, дали е направена проценка за влијанието врз здравјето и животната средина.
Затоа прашавме, но од министерството што ја промовираше инвестицијата, се изземаа за детали.
„Во однос на иницијативите поврзани со критичните минерални суровини, сакамe јасно да нагласиме дека Република Македонија во овој конкретен случај не е договорна страна, туку учествува како сведок и партнер кој го поддржува процесот. Ја поздравуваме поддршката што се обезбедува преку меѓународни финансиски инструменти, бидејќи таа претставува значаен поттик за развој на овој сектор“,
одговорија од Министерството за енергетика.
Голем дел од дилемите, во настап на ТВ Телма, ги расчисти Филип Петровски, советник во Министерството за енергетика. Прво, за антимонот, кажа дека има уште чекори за да се зборува за рудник.
„Овој проект сега е во почетна фаза, во истражување. Ќе продолжи истражувањето во одреден период согласно законските процедури. Истражувањето генерално обично трае една до две години во зависност од количината на потребните истражувања коишто треба да се направат, бидејќи постојат одредени стари индиции во времето кога работел рудникот. Тие ќе бидат искористени и дополнително ќе се врши доистражувањето на тоа. После доистражувањето следи дел од кога концесионерот прави свои пресметки, тоа е предфизибилити и физибилити студии и утврдува дали проектот понатаму е исплатлив за експлоатација и тогаш всушност доаѓа бенефитот за Република Македонија кога ќе доаѓаат големите инвестиции“
појасни Петровски.

Дури по таа фаза, компанијата би можела да бара дозвола за експлоатација на антимон, додаде Петровски. Но, додаде дека компанијата веќе има дозвола за ископ – но не на антимон.
„Ние како Министерство ја следиме детално ситуацијата и на тој простор и во моментот овој концесионер има концесија за експлоатација на други минерални суровини.“
додаде Петровски.
Договорни страни за најавената експлоатација на антимон се австралиската компанија „Пела глобал лимитед“ чиј сопственик е по потекло од Македонија и „Интернешнл девелопмент фајненс корпорејшн“ од САД. Според податоците објавени на интернет-страницата на „Пела глобал“, главна стратешка цел на компанијата е пронаоѓање злато, сребро и антимон. Со договорот, како што се наведува на сајтот, ќе се овозможи диверзификација на глобалниот пазар на антимон од Кина и ќе се обезбеди стабилен извор на критични минерали за САД и сојузниците.

Па, повеќе детали за инвестицијата побаравме од „Пела глобал“. Оттаму ни одговорија дека ќе бидат наскоро објавени. Во меѓувреме, како што велат, ќе бидат испочитувани сите домашни и меѓународни стандарди.
„Крстов Дол“ се развива со силен фокус на транспарентност, управување со ризици и долгорочна одржливост. Паралелно, „Пела“ активно истражува примена на нови технологии за преработка и рециклирање на застарена јаловина, со цел намалување на влијанието врз животната средина, а воедно и обновување на дополнителната вредност од историските материјали“,
одговорија од „Пела глобал“.
Името на компанијата не се појавува за прв пат во македонската јавност.
„Призма“, пред околу три години, објави дека „Пела глобал лимитед“ и Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) започнале бизнис-соработка преку фирма што заеднички ја основале – за изградба на фотоволтаици. Дополнително, според нивниот веб-сајт, „Пела“ истражува злато, сребро, олово, цинк и бакар во непосредната околина на Луке, кривопаланечко.

Бидејќи геолошките истражувања се на територијата на Општина Крива Паланка, го контактиравме и градоначалникот Сашко Митовски.
Ни рече дека Општината нема надлежност во делот на дозволи. Компанијата „Пела“, како што вели, има добиено концесија за истражувања во кривопаланечко пред повеќе од десет години.
„Општината единствено во изминатиот период по однос на договорот за концесија прибира финансиски средства по основ на простор којшто секоја година редовно концесионерот „Пела“ има обврска да го намирува кон Министерството за економија и одреден процент кон општината. А во следниот период, односно по почнувањето на процесот на производство, општината согласно правилникот за надомест од концесии, по однос на експлоатираната и произведената руда ќе прибира финансиски средства во висина од 4%. А по однос на сите останати дозволи, општината нема апсолутно никаква директна надлежност“,
рече Митовски.
Освен дека постои дозвола за истражување, Митовски вели дека нема детали околу проектот за евентуално рестартирање на рудникот за експлоатација на антимон Крстов Дол. Целиот процес го води централната власт.
„По однос на сите тие детали околу целиот процес на производство, експлоатација на руда, јас не би можел повеќе да ви кажам. Но, она што можам да го кажам е дека ние сме нели рударски град со традиција и дека сето ова сметам дека за локалното население, за локалната економија — моето лично мислење и мојот личен став е дека ќе биде поздравено од населението. Иако нели во јавноста веќе се шират одредени информации од страна на еколошките здруженија, од еколошките активисти по однос на потенцијалните можни последици за животната средина, за здравјето на граѓаните, сакам тука да укажам дека од страна на општината и лично моја страна ќе инсистираме на буквално на запазување на сите стандарди коишто значат производство, експлоатација на едно високо ниво, во коешто приоритетен ќе биде интересот на граѓаните на Крива Паланка“,
кажа Митовски.

Ова интервју со Сашко Митевски го снимавме кон крајот на минатата недела. Викендот, прашањето за рудникот стана дел од дневно-политичката размена на пораки меѓу власта и опозицијата, откако СДСМ побара распишување локален референдум и јавна расправа.
„Ако тоа граѓаните на Крива Паланка го одобруваат, добро нема проблем, нека тераат, ама ако не го одобруваат, тогаш јас и СДСМ застануваме на страна граѓаните“,
кажа лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Премиерот Мицкоски, пак, порача – секој има право да бара референдум. Но, уверува дека локалната власт, односно градоначалникот на Крива Паланка, кој иако доаѓа од редовите на СДСМ, има поинакво мислење.
„И тој мисли како и јас, дека овој проект е стратешки за државата и локалното население, посебно имајќи го в предвид економскиот бенефит на крајот, кое е типично рударско место“,
кажа Мицкоски.
Деновиве, пак, рудникот доведе до интрапартиски судир во СДСМ.
„Без разлика нели на ставот на мојата матична партија којшто дојде преку информација односно соопштение до медиумите и во којшто ќе бидам искрен јас не бев исконсултиран и информиран дека како такво официјално соопштение ќе излезе во медиумите мојот став е многу принципиелен и во однос на самото ова прашање и сметам дека самата оваа одлука треба да биде исклучиво водено од интересите на граѓаните на Крива Паланка и затоа ова прашање јас не го гледам низ политичка призма и политички аспект туку како локалната заедница може да ги има сите овие придобивки коишто еве можеме да ги имаме при една ваква стратешка инвестиција така да мојата мојот пристап исклучиво воден од интересите на граѓаните а не од партиските позиции“,
изјави Митовски.
По оваа изјава, СДСМ одговори со остро соопштение кон кадарот од своите редови:
„Градоначалникот Сашко Митовски не може да одлучува сам или да се договара со Мицкоски. Граѓаните на Крива Паланка, а не експертите поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис-интересите на Мицкоски, треба да одлучат дали сакаат рудник за антимон во нивниот крај“,
порачаа од СДСМ.
Денеска размената на пораки меѓу власта и опозицијата доби нов тек. СДСМ обвини дека во позадината на проектот лежи класична партиска концесија.
„Официјалните податоци од Министерството за енергетика откриваат дека моментален концесионер на локалитетот Луке е компанијата „РИ енергетика пела ДОО Скопје“. Кој е сопственик на оваа компанија? Ѓорѓе Качурков. Донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Официјалните документи и финансиски извештаи недвосмислено го потврдуваат ова“,
рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Во последователната реакција, ВМРО-ДПМНЕ не се осврна на конкретните наводи од опозицијата. Го нападнаа политичкиот опонент по друга основа – дека СДСМ оди контра својот градоначалник и не сака развој на Македонија.

Во едно типично рударско место, каде речиси во секое семејство има по еден рудар, локалното население посакува нови работни места и инвестиции. Така велат и дел од жителите на Луке со кои разговаравме.
„Ние сме жедни, еве, доста невработени, да има едно работно место барем. Немаме ништо, само избори, избори, немаме ништо. Да се отвори рудникот зависи сè сега.Треба испитување, треба сè да се докаже. Ако е ураниум и тоа арсен, се пореметува целата област, село, загадување, води, секоја куќа има вода“,
вели Цветковски.

Но, Луке има околу 200 жители. Во цела Крива Паланка, според последниот попис, има околу 14 500. Економскиот бенефит, заштитата на здравјето и животната средина или двете – што ќе биде приоритет за граѓаните на кривопаланечкиот регион е прашањето на кое допрва ќе треба да се изјаснат, ако се исполни барањето за организирање локален референдум и јавна расправа.
