Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната конференција посветена на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ порача дека ваквата титула е историска можност за суштинска промена на градот
Ревитализација на скопското Кале, конзервација на Акведуктот и реконструкција на Универзалната сала се дел од активностите што треба да се реализираат во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ – изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков во рамки на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“.

Љутков изјави дека Владата издвоила финансиска помош од 20 милиони евра за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и додаде дека инвестициите во културната и урбаната инфраструктура во главниот град во рамки на проектот ќе бидат со долгорочен ефект.
„Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа. ‘Скопје 2028’ ја има нашата целосна и безрезервна поддршка. Поддршка која не е декларативна, туку институционална, финансиска и политичка“,
изјави министерот за култура и туризам на денешната конференција.
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека титулата европска престолнина на културата е историска можност за суштинска промена на градот, а не само за зголемување на бројот на настани.

„Скопје 2028 мора да биде повеќе од културна програма. Тоа е сеопфатна трансформација. Ќе работиме културата да стане вистинска јавна инфраструктура – стабилна, достапна и рамномерно развиена низ целиот град. Не само преку големи институции, туку и преку локални културни центри, квартовски библиотеки, мали сцени, младински хабови и простори за заедничко создавање. Ќе ја поврземе културата со квалитетот на живеење. Затоа што вистински добар град е оној во кој луѓето сакаат да останат“,
порача Ѓорѓиевски.
На настанот, меѓу другите, се обрати и евроамбасадорот Михалис Рокас кој порача дека титулата европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој. Рече дека Скопје има уште многу работа пред себе, но го поддржа досегашниот напредок.
„Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и поддршка. Европската престолнина на културата покажува дека културата не е само забава, туку катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија. Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите“,
порача шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Во рамки на денешната конференција беа потпишани и пет меморандуми за соработка за кои скопскиот градоначалник рече дека претставуваат исчекор кон долгорочен и одржлив развој на Скопје.
Три меморандуми се потпишани со Факултетот за урбанизам при Универзитетот во Лунд, Универзитетот во Солун и Политехничкиот универзитет во Торино со цел обезбедување стручна и научна поддршка во креирањето на 20-годишната стратегија за урбан развој на Град Скопје. Другите два се потпишани со градовите Матера во Италија и Валета во Малта, кои веќе ја имаат понесено титулата Европска престолнина на културата, и треба да ја ги пренесат искуствата, знаењата и добрите практики во делот на реализација на проектот.
