Од пет ветени затворени базени низ државата, се плива единствено во Штип. За останатите базени во Битола, Ѓорче Петров и Кичево, општините и Министерството за спорт меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за недовршените приклучоци за вода и струја
Кон крајот на јули минатата година, по низа пробиени рокови, свечено беше пуштен во употреба затворениот базен во дворот на основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во скопска Кисела Вода.
„Уште многу вакви проекти да завршиме. Многу е важно тоа што е почнато да се заврши колку тоа ни се допаѓало или не во минатото, пари се трошени од граѓаните… следат уште четири кои до крајот на летото од овој изведувач ќе треба да бидат пуштени во функција“,
изјави тогаш премиерот Мицкоски.
Летото помина. Поминаа и есента и зимата. Владата не промовираше нови готови базени. Па, решивме да ги провериме сите пет – и промовираните и оние помалку популарните. Прво отидовме до базенот што лани го отвори премиерот, а за кој Владата пред две недели објави и промотивно видео. Се јавивме во општината, претставувајќи се како родители на дете од Кисела Вода.
Гласот од другата страна ни објасни дека базенот не е отворен, дека објектот е под управа на јавното комунално претпријатие и дека не е пуштен во употреба.

На ова прашање добивме ветување дека ќе не известат дополнително. Подоцна во тој ден, истото лице ни се јави за да ни каже дека базенот не работи бидејќи нема употребна дозвола. Но, кога се обративме официјално до Општина Кисела Вода, како новинари, добивме различен одговор.
„Согласно Статутот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти при Општина Кисела Вода и позитивната законска регулатива, претпријатието е во фаза на распишување јавен оглас за користење на спортските објекти кои се во надлежност на Општината. По завршувањето на оваа транспарентна постапка и конечниот избор на апликанти, спортските организации непречено ќе можат да ги користат капацитетите кои ги нуди овој капитален спортски објект“,
се вели во одговорот од Општина Кисела Вода.
Ставот на општината, кој навестува дека базенот ќе може да се користи од граѓаните само преку фирми кои ќе го закупат, се чини во контрадикција со тоа што кажа премиерот.
„Приоритет ќе имаат дечињата од ова основно училиште но и сите основци од Општина Кисела Вода“,
кажа премиерот.
Па, повторно прашавме во Општина Кисела Вода – зошто базенот не го користат барем децата од училиштето Дуња, кога како што велат – објектот е технички готов?

Базенот во Кисела Вода е само еден од вкупно пет кои првично требаше да бидат готови најдоцна до 2022 година. Во соработка со невладината Центар за граѓански комуникации дојдовме до сознанија дека оригиналниот изведувачот „Енергоинвест трејд“ ја префрлил работата на подизведувач, фирмата „Еуровиа“. Тие, пак, како подизведувач си нашле свој подизведувач – „Вивинт“. Освен пробиените рокови, недвосмислено заклучивме дека на подизведувачите им се препуштени работи во значително поголема вредност од таа што е дозволена со закон.
Борко Ристовски, како министер за спорт, ја наследи состојбата од својот претходник, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски. Но, наместо да го раскине договорот, реши да ги заврши базените и покрај нотираните проблеми.
„Ние како министерство се трудиме да секое наше ветување го исполниме и да стоиме позади дадениот збор што мислам дека досега одиме во добра насока, може да има мали забелешки за времето за завршување на одредени проекти но тоа е надвор од нашите можности и помалку зависи од изведувачите“,
изјави Ристовски.
Единствениот од петте базени кој навистина работи е оној во Штип, во рамки на паркот Суитлак. Ставен е на располагање само за четирите пливачки школи во Штип. Градоначалникот вели – тенденцијата е наскоро да биде достапен за секој љубител на пливањето.

„Oна кое што го планираме како локална самоуправа, за да не вработуваме лица, за да ги намалиме трошоците, е со објектот да менаџира некоја од пливачките школи за да се овозможи и во доцните ноќни часови или во раните утрински часови кога термините не се искористени, да можат рекреативците да го користат овој објект – нешто што во моментов не е овозможено“,
вели Јорданов.

Според градоначалникот Јорданов, таквиот начин на менаџирање ќе предвиди и обврска за закупнина која ќе и се плаќа на Општината.
„Овие можности да бидат овозможени со практично вработување од нивна страна на спасувачи, на технички персонал, на лица коишто ќе бидат практично одговорни за одржувањето на објектот и кои ќе ги овозможат другите услуги кои во моментов не се овозможени“,
кажа Јорданов.
Во Штип, значи, има базен и во него се плива. Базен има и во Битола, во дворот на основното училиште „Даме Груев“, но таму не се плива. Од Општината велат дека не е пуштен во употреба бидејќи нема направено технички прием од надлежен инженер. Се постапува по одредени забелешки кои биле констатирани од надзорот.
„Инвеститор е Министерството за спорт кое ангажираше изведувач на работите, а Општина Битола го обезбеди надзорот. Обврската на Општина Битола за изведба на водоводни, канализациони и приклучоци за електрична енергија е завршена. Кога ќе се направи технички прием на објектот, ќе се пристапи кон партерно уредување“,
велат од Општина Битола.

Во Кичево, во дворот на училиштето „Санде Штерјовски“, објектот ги добива финалните контури.
За разлика од сликата што ја забележавме тука минатата година на базенот во Кичево има огромен градежен напредок и е речиси завршен, барем според кажувањата на одредени вработени кои ги затекнавме на терен. Сепак, последните ветувања дадени минатитот јуни дека овој базен, како и оние во Битола и Ѓорче Петров, ќе бидат готови до крајот на летото 2025 г. очигледно не се исполнија.

Барем однадвор, готов се чини и базенот во Ѓорче Петров. На нашето прашање, зошто се уште не работи, од општината одговорија:
„Ве информираме дека за најточни и целосни информации потребно е да се обратите до надлежната институција – Министерството за спорт, како инвеститор на проектот. Имено, станува збор за проект кој првично беше започнат преку поранешната Агенција за млади и спорт, а понатамошната реализација е во надлежност на Министерството за спорт“,
одговорија од Општина Ѓорче Петров.

Се обративме од Министерството за спорт, како што сугерираа од Општина Ѓорче Петров. Добивме сосема спротивен одговор – дека општините се тие што треба да си го завршат својот дел, за базените да влезат во употреба.
„Согласно проектната документација, општините треба да обезбедат приклучоци за вода, електрична енергија и канализација, како и партерно уредување на просторот околу објектите. Овие активности кои се во надлежност на општините сè уште не се целосно реализирани. Кога ќе се обезбедат овие приклучоци, ќе може да се изврши тестирање на машинството во базените и по завршување и комплетирање на сите технички и формално-правни постапки, базените ќе може да бидат пуштени во употреба“,
велат од Министерството за спорт.
Од Министерството за спорт го побаравме и последниот анекс кој го имаат склучено со изведувачот на работите. Ни го дадоа. Во него, пишува дека рокот за конечна изградба на базените е 25 декември 2025 година.

Со други зборови, на хартија, базените одамна се готови. И останува уште на реалноста да го постаса оствареното.
