Филипче потсети дека техничката влада е резултат на меѓупартиски договор помеѓу четирите најголеми партии и дека таа е донесена со консензус. Според него, таа може да биде укината само со консензус, а не поинаку во услови кога, како што вели, власта повторно воспоставува контрола врз правосудството и институциите

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати критики кон предлогот за измени на Законот за владата по скратена постапка, со кој се предвидува укинување на техничката влада. Филипче порача дека државата сè уште не е зрела за ваков чекор и дека власта се обидува да ги партизира сите механизми на контрола.
Филипче потсети дека техничката влада е резултат на меѓупартиски договор помеѓу четирите најголеми партии и дека таа е донесена со консензус. Според него, таа може да биде укината на истиот начин, а не поинаку во услови кога, како што вели, власта повторно воспоставува контрола врз правосудството и институциите.
„Општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори, дополнително што овој следен циклус на парламентарни избори ќе биде прв циклус што по 2016 година го организира актуелната власт“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Лидерот на опозицијата обвини за силен притисок врз судиите и обвинителите, додавајќи дека чувствата на премиерот искажани на собраниската говорница се директна закана врз правосудните органи.
Дополнително, Филипче укажа на „шверцерски“ обид за менување на овластувањата на техничките министри во преодниот период.
„Се предлага и се сака да се донесе измена со која техничките министри нема да можат да донесат свои посебни советници, туку може да изберат само советници од редот на постојните, од сегашните силно партизирани од страна на владејачката коалиција“,
додаде Филипче.
Филипче потенцираше дека предложените измени се во спротивност со обврските преземени пред Европската Унија.
„Овој Закон за Влада е дел од Реформската агенда, а таму јасно стои дека треба да се донесе нов закон, не само вака изменет. Значи повторно не се постапува ниту по Реформската агенда. Ова е еден единствен преостанат механизам, гаранција за одржување на фер и демократски избори во услови кога гледаме како се однесува актуелната власт. Овој закон треба да се повлече. Овој закон вака не смее да помине“,
рече Филипче.
На прашањето кога државата ќе биде подготвена да функционира без техничка влада, Филипче повика на политичка коректност од страна на ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи дека токму на нивно барање овој модел беше задржан во 2020 година.
„Треба да се политички коректни и да знаат дека кога некои барања им биле удоволени, треба сега да ги слушнат ако ништо друго и нашите барања и да одговорат доколку не се согласни на прашањата односно на аргументите зошто ние сме загрижени. Велат, ќе има техничка влада на следните избори, а нема да има на изборите после тоа. Зошто? Ќе биде ли државата тогаш спремна, кој ќе ја води и како?“,
се прашањата што ги постави Филипче.
Во меѓувреме, додека Филипче држеше прес-конференција, во Собранието со 67 гласа „за“, 13 „против“ и ниту еден „воздржан“, беше утврдена потребата од носење на измените на Законот за владата по скратена постапка, што е прва фаза од собраниската постапка.
Во текстот на предлог-законските измени доставени до пратениците, меѓу другото, се наведува дека иако преодната влада во конкретен историски контекст имала одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажала како нефункционална и финансиски неоправдана.
Во образложението на предлог-законот, дополнително се наведува дека со усвојувањето на измените ќе се воспостави јасна и применлива правна рамка, која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото.
Инаку, најавите за укинување на техничката влада дојдоа на почетокот на годинава кога премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе свика лидерска средба на која теми на дискусија би биле реформските закони и укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред парламентарни избори.
