Во текстот на предлог-законските измени доставени до пратениците, меѓу другото, се наведува дека иако преодната, односно техничката влада во конкретен историски контекст имала одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажала како нефункционална и финансиски неоправдана
Со 67 гласа „за“, 13 „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието на денешната седница ја утврди потребата од носење на измените на Законот за владата по скратена постапка, што е прва фаза од собраниската постапка.

Доколку бидат усвоени, со законските измени кои ги предлага владејачкото мнозинство, ќе се отвори патот за укинување на моделот на техничката влада која се избира на 100 дена пред парламентарни избори.
Во текстот на предлог-законските измени доставени до пратениците, меѓу другото, се наведува дека иако преодната влада во конкретен историски контекст имала одредена стабилизирачка улога, нејзината континуирана примена со текот на времето се покажала како нефункционална и финансиски неоправдана.
„Формирањето на ваков тип на влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменик-министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето. Истовремено, заради доследно применување на законските одредби кои ја уредуваат оваа област, значителни буџетски средства се издвојуваат за плати, надоместоци, административна и логистичка поддршка, без соодветен јавен ефект што би ја оправдал оваа финансиска оптовареност“,
се наведува во текстот на предлог-измените на Законот за владата.
Во образложението на предлог-законот, дополнително се наведува дека со усвојувањето на измените ќе се воспостави јасна и применлива правна рамка, која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото.
